Над 10 илјади пензионери во Штип го одбележаа Денот на пензионерите 20 Септември со ново одлагање на судското рочиште за новиот Дом за стари лица. Изградбата е стопирана повеќе од две години, кога новата зграда од четири ката дојде до кровната конструкција за што веќе биле потрошени околу 500 илјади евра од сметката на Здружението на пензионерите во Штип.
Повеќе од две години се води судскиот процес за нелегална изградба на дел од катовите и катот за кои не постоеле градежни дозволи. Се води постапка против градежна фирма од Василево која е изведувач на работите и против инвеститорот Здружението на пензионерите од Штип, чие раководство починало уште кога градежните работи биле стопирани.
„Септемвриското судско рочите пак е одложено поради технички причини, па градежните работи и натаму се стопирани и ќе траат до конечното завршување на процесот. Се надеваме дека наскоро ќе заврши затоа што во наш интерес е зградата да се доизгради и Штип конечно да има Дом за стари лица кој ќе згрижи 100 пензионери“, вели новиот претседател Ристе Нетков.
Општинските власти како што изјавуваат активно работат на решавање на овој проблем со кој се запознати премиерот и надлежните министри.
„Заедно бараме решение бидејќи овој случај премногу правно е заплеткан. Затоа, правиме интезивни средби со цел да се најде адекватно решение овој горлив проблем на штипските пензионери да се надмине и Штип да добие Дом за стари лица како што имаат и останатите градови“, им рече на штипските пензионери градоначалникот Благој Бочварски на одбележувањето на нивниот ден.
Новиот пензионерски дом почна да се гради во 2013, на местото каде што беше ресторанот на АРМ пред Касарната „Јане Сандански“ во Штип. Претходната година АРМ овој објект го даде на Општина Штип, а пак таа го преотстапи на Здружението на пензионерите. Домот е маркиран на 1.000 метри квадратни и треба да располага со капацитет за 100 станари , а вредноста на проектот е 650 илјади евра.
Т. ЈОВАНОВСКИ