МАМА ЗА 70. РОДЕНДЕН ПОСАКА ДА СКОКНЕ СО ПАДОБРАН, ВЕЛИ ИНСТРУКТОРОТ ЈАНЕ СТЕФАНОВ

    МАМА ЗА 70. РОДЕНДЕН ПОСАКА ДА СКОКНЕ СО ПАДОБРАН, ВЕЛИ ИНСТРУКТОРОТ ЈАНЕ СТЕФАНОВОва е прв скок на скопјанката Марионка Стефанова, а скокаше во тандем со синот Јане, кој е инструктор по падобранство во аероклубот Скопје (Фото: Аероклуб Скопје)

    Седумдесетгодишната скопјанка Марионка Стефанова вчера попладне во тандем со синот скокна со падобран. Ова ѝ е прв скок, а синот Јане Стефанов, кој е инструктор по падобранство во аероклубот Скопје, вели дека скокот од авион бил нејзина роденденска желба.

    „Мама полнеше 70 години и ја прашав што сака за роденден. Ми рече, сакам да скокнам од авион. Роденденот ѝ беше порано, но ми требаа дваесетина дена за да го организирам скокањето и вчера го направивме“, вели Стефанов.

    Јане Стефнов, инструктор по падобранство, вели дека мајка му го пуштила да скока со падобран од негова 16-годишна возраст и дека 26 години подоцна и таа посакала да скока (Фото: Ј. Стефанов)

    Тој вели дека мајка му можела и сама да скока со падобран, но поради проблеми со шеќерот мислеле дека нема да го помине лекарскиот преглед, поради што се одлучиле на тандем скок. Во тандем скок едното лице е врзано за другото, така што на второто лице кое не е активен скокач со падобран не му е потребен посебен лекарски преглед.

    „Мајка ми мене ме пушти на 16 години да скокам со падобран и ѝ требаа 26 години и сама да одлучи да скока, откако толку години ме слушаше колку е убаво“, вели Јане, а Марионка додава: „Претходно имав други приоритети“.

    Аероклубот Скопје организира и скокање во тандем, но како што вели Стефанов, тоа е само за оние што навистина сакаат да скокаат и имаат време да почекаат во исто време да се погодат и денот и авионот и тандем инструкторот.

     

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира