Денеска во 12 часот демонстрантите на Шарена револуција и Протестирам ќе го блокираат сообраќајот во Скопје. Блокади ќе има на 3 раскрсници во центарот на градот и тоа кај Судска палата, кај Црвениот крст и кај Соборниот храм.
„Преку блокирање на улиците ќе покажеме како всушност изгледа со години нашaта земја. Ние живееме во блокирана држава, со блокиран пристап до правда, со блокирани и партизирани институции. Ќе го оневозможиме движењето како што со години оваа власт ја оневозможува еднаквоста пред законот и слободата на граѓаните“, се вели во повикот објавен на Фејсбук страниците на Шарената револуција и на Протестирам, кои апелираат за разбирање и толеранција од скопјани и наместо да се лутат да свирнат за поддршка.
Блокадата е дел од новите акции, кои ќе ги заменат вечерните протести што безмалку два месеца скоро два месеца секој ден во 18 часот почнуваа пред СЈО.
Во понеделникот движењата Шарена револуција и Протестирам побараа до 18 јуни да се исполнат двете клучни барања – Уставниот суд да се произнесе за уставноста на СЈО и да запре прогонот врз демонстрантите.