Вилијам Михајловски, еден од обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, побара од судијката Добрила Кацарска да им биде заменета мерката притвор со домашен притвор оти не било фер, како што кажа, оние поради кои се во обвинителна клупа да се дома, а тој и ште 10 лица во затвор.
„Не е фер 11 луѓе да сме во затвор, а другите дома и тоа првообвинети, поради кои сме на оваа клупа. Ние сме седнати овде поради нив. Учествував на протестите 60 дена без инцидент, и тој ден ќе беше така, но не пречекаа отворени врати и нормално ме понесе атмосферата и влегов во Собранието како и 1.000 други граѓани“, рече Михајловски, кој е меѓу 33-ца се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието.
Тој рече дека нема да бега оти со тоа би си го упропастил животот, туку планирал да се ожени и да создаде семејство.
Судијката Кацарска му рече дека дополнително ќе биде одговорено на неговото барање.
А. АНТЕВСКА