ЈАС СУМ ЗА ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА, ВЕРУВАМ ДЕКА Е ДОБАР И СМЕТАМ НА ВАС, ВЕЛИ ФРАНЦУСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МАКРОН ВО ВИДЕОПОРАКА ДО МАКЕДОНИЈА

    „Ниеден договор не е совршен. Знам дека за едните истиот не е доволно долгорочен, а за другите дека поинаку би го испреговарале“, вели Макрон.

    Францускиот претседател Емануел Макрон во видеопорака, која утрово ја објави амбасадата на Република Франција во Македонија, кажа дека смета дека договорот од Преспа е добар и за Македонија и за регионот и за Европа.

    „Веќе 25 години нашите две земји негуваат дипломатски односи, 25 години заедничко минато и поврзани судбини меѓу нашите народи, чии корени се длабоко втемелени назад низ вековите. Во тој поглед во последните години беа направени многу нешта, но на 17 јуни 2018 година се направи голем исчекор. Исчекорот беше направен со храброста на вашите лидери, меѓу вашата земја и Грција со која се стави крај на 27-годишниот спор. Таа таканаречена ‘Спогодба од Преспа’ на 17 јуни 2018 година овозможува напредок и подготовка за иднината. Референдумското прашање на 30 септември оваа година се однесува токму на оваа спогодба. Запознаен сум со сите полемики кои се водат и кои се дел од демократската дебата во земјата. Но, јас од овде, бидејќи верувам во нашиот континент, во силата на Европа, во моќта на колективната мудрост и во взаемната соработка, би сакал да се обврзам и да ви кажам во што верувам. Знам дека ниеден договор не е совршен. Знам дека за едните истиот не е доволно долгорочен, а за другите дека поинаку би го испреговарале“, вели Макрон и продолжува:

    „Ги слушам сите критики кои се кажани. До пред неколку месеци никој не се надеваше на овој договор. Но на овој договор се чека веќе 27 години. Овој договор се постигна поради храброста на вашите лидери. Затоа јас го поддржувам. Потполно! Силно! Сметам дека истиот има централно место во плановите за иднината на земјата. Тој е суштина на амбициите на вашата младина и на тоа што може да го направиме заедно во годините што следат. Тоа, драги дами и господа, е единствената, јасна и скромна порака, која сакам да ви ја пратам. Јас не можам да се ставам на ваше место, зашто вие гласате независно во оваа политичка дебата, која е важна за земјата. Вие треба да изберете и одлучите, дали сте за промена на Уставот или не, за спогодбата да стане важечка. Да станете Северна Македонија според спогодбата. Јас одлучно сум ЗА и цврсто верувам дека овој договор е добар! За вас, за целиот регион, за Европа. Сметам на вас“, вели претседателот Макрон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира