Петнаесетина пациенти со меланом минатата недела два дена останаа без потребната имунотерапија, бидејќи се потрошиле количините од лекот, а Клиниката за радиотерапија и онкологија ги обезбеди со интервентна набавка. Тие велат дека реагираат, бидејќи во рок од една година ова е втор пат да има куси паузи во лекувањето, и дека според протоколот на лекување прекин во примање на терапијата не смее да има ниту еден ден.
Имунотерапијата за ракот на кожата или меланом, не е на позитивната листа на лекови, кои се на товар на Фондот за здравствено осигурување.
Клиниката оваа терапија ја набавува на три месеци, а проблемот настанува кога таа ќе се потроши пред да биде завршена наредната тримесечна набавка. Во такви случаи според податоците од електронскиот систем за јавни набавки Онкологија прави итна набавка.
Од Здружението за борба против ракот „Борка“ велат дека кога има вакви прекини во терапијата како организација за заштита на пациентите реагираат и дека веднаш за кусо време одобренија даваат и Министерството за здравство и ФЗОМ, а Клиниката веднаш ги набавува лековите.
„Терапијата за меланом со позитивна мутација беше набавена 2016 година со средства од Агенцијата за лекови, а 2017 година фирмата која го произведува лекот даде донација и за пациентите со негативна мутација. Проблемот тогаш настана кога се потроши донацијата, но Клиниката ја презеде набавката на лековите иако не се на позитивната листа. Вистина брзо реагираат и нема поголеми прекини на терапијата, но сметаме дека треба да има подолгорочна набавка и оваа терапија да се стави на позитивната листа на лекови“, вели Биба Додева, претседател на „Борка“.
Д-р Никола Васев, директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, вели дека за лековите кои не се на позитивна листа и за да може да ги набават мора да бараат согласност од Министерство за здравство и Фондот за здравствено осигурување.
„Во тоа барање ја доставуваме потребната количина за подолг период, но ни одобруваат за три месеци, бидејќи гледаат дали имаме пари на сметка и дали може да ги платиме лековите“, вели д-р Васев.
Овој лек го примаат 15 пациенти со меланом, а Клиниката набавува вкупно 9 лека што не се на позитивната листа, кои се даваат и на пациенти со карциноми на бубрег, дебело црево, бели дробови, дојка и матка.
„Законски немаме обврска како Клиника да купуваме лекови што не се на позитивната листа на лекови. Но, овие пациенти веќе биле ставени на терапија и нехумано е да ја прекинуваме. Тоа особено се однесува на пациентите со меланом, бидејќи за нив друга терапија нема. Лани имавме условен буџет за набавка на пет од лековите што не се на позитивна листа, дел биле набавени преку Агенцијата за лекови, а дел донација. Набавката ја презедовме, бидејќи сметам дека не е во ред Агенцијата за лекови која врши регистрација на лековите и контрола на нивната исправност и на целиот процес во исто време и да купува лекови. За една година успеавме да ги вратиме долговите кои ги наследивме, и да заштедиме пари од другите тендери за набавка на лекови, па така нѝ остануваат за да ја купиме оваа терапија“, вели Васев.
Тој вели дека вистинско решение за овој проблем ќе биде оваа терапија да се стави на позитивната листа на лекови, која не е обновена од 2011 година, за да можат и правилно да ги планираат набавките и буџетот.
Обновувањето на позитивната листа на лекови, од која ќе се симне застарената терапија која не се користи и ќе се воведе нова, беше усложнета со законските измени што ги направи поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, кога за да се обнови листата беа воведени 14 комисии, секоја составена од 17 члена, а мандатот им беше на една година. Првично за да се формираат комисиите помина повеќе од една година, а и откако беа формирани не работеа.
Министерот за здравство Венко Филипче најави измени на Законот за здравствено осигурување со кои ќе се укине одредбата за 14 комисии, туку ќе се воведе само една комисија која ќе одлучува за позитивната листа на лекови.
„Измените на Законот за здравствено осигурување се во собраниска процедура и очекуваме по завршување на референдумот, кога Собранието ќе продолжи со работа измените да бидат усвоени. За кратко време потоа ќе се формира комисијата, која треба да ја обнови позитивната листа на лекови“, рече Филипче.
Е. БОЧВАРОСКА