ИВАНОВ ИМ ЧЕСТИТАШЕ НА ТИЕ ШТО НЕ ГЛАСАЛЕ НА РЕФЕРЕНДУМОТ

    ИВАНОВ ИМ ЧЕСТИТАШЕ НА ТИЕ ШТО НЕ ГЛАСАЛЕ НА РЕФЕРЕНДУМОТ„Не може да се зборува за волја на мнозинството во услови кога не е исполнет законскиот цензус за референдум. 36,9% излезност не е волја на народот, туку 63,1% кои не излегоа", рече претседателот Ѓорге Иванов во попладневното обраќање до јавноста (Фото: Фејсбук страна на Претседателот на РМ)

    Претседателот Ѓорге Иванов рече дека референдумот за името е неуспешен бидејќи со негласањето народот се изјаснил против Преспанскиот договор, и го повика владејачкото мнозинство да понесе одговорност за неуспехот. Иванов им честиташе на граѓаните кои не излегле да гласаат на референдумот и побара Собранието да ја почитува одлуката на мнозинството кое бојкотирало.

    „На вчерашниот референдум народот го отфрли Преспанскиот договор. Бојкотот е гласот на оние кои се потценети и не се слушнати. Реалноста е дека референдумот не успеа. Не се обидувајте да ја измените оваа реалност. Не ја потценувајте суверената волја на македонскиот народ. Не може да се зборува за волја на мнозинството во услови кога не е исполнет законскиот цензус за референдум. 36,9% излезност не е волја на народот, туку 63,1% кои не излегоа. Колку и да извртувате, не можете да ја промените реалноста”, рече Иванов во попладневното обраќање до јавноста.

    Иванов, кој одби да ја потпише ратифкацијата на Договорот со Грција што Собранието ја изгласа двапати, и кој во април 2016 помилува 56 функционери на тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ обвинети за криминали што произлегуваат од прислушуваните разговори, за подоцна да ја повлече аболицијата, денеска рече дека „држава не се води со слободно и неовластено толкување на Уставот и законите на Република Македонија“.

    Тој ги повика како што рече „оние кои се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија и непринципиелно заземаат страна“ да ги почитуваат меѓународните конвенции за дипломатски односи.

    „Не може оние кои имаат демократски дефицит да наметнуваат решенија спротивни на суверената волја на македонскиот народ“, рече Иванов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира