ВАЛОН БЕЉА ОД ДУИ, ОСОМНИЧЕН ДЕКА ОСТАВИЛ КУРШУМ КАЈ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЧАИР, СТАНА ЕКОНОМСКИ ДИРЕКТОР НА КЛИНИКАТА ЗА ГИНЕКОЛОГИЈА

    ВАЛОН БЕЉА ОД ДУИ, ОСОМНИЧЕН ДЕКА ОСТАВИЛ КУРШУМ КАЈ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЧАИР, СТАНА ЕКОНОМСКИ ДИРЕКТОР НА КЛИНИКАТА ЗА ГИНЕКОЛОГИЈАОд Клиниката за гинекологија и акушерство велат дека новиот директор Ваљон Беља вчера дошол на работа и дека очекуваат да им биде од голема помош (Фото: СДК.МК)

    Валон Беља од ДУИ е именуван за организациски директор на Клиниката за гинекологија и акушерство.
    Од Министерството за здравство потврдија дека Беља е нов организациски директор на Клиниката за гинекологија. Од таму велат дека Гинекологија е единствена клиника што доби нов економски директор

    Беља беше член на невладината организација Реалитети, а во 2010 стана лидер на партијата Албански сојуз. Подоцна оваа партија се спои со ДПА на Мендух Тачи, каде Беља беше потпретседател. Откако се повлече од ДПА Беља беше претепан во скопско Кондово од група непознати напаѓачи, по што заврши на Ургентниот центар.

    По преминувањето во ДУИ, Беља кој беше вработен во Општина Чаир, во јуни 2016 во канцеларијата на градоначалникот Изет Меџити од истата партија остави куршум завиткан во салфетка. По тој инциден бил приведен во полиција и пуштен, а тврдел дека некој го мести. МВР му поднела пријава за загрозување на безбедноста, а за тој случај уште нема завршница.

    Од Клиниката за гинекологија и акушерство велат дека новиот директор Беља вчера дошол на работа и дека очекуваат да им биде од голема помош.

    „Ова е голема клиника, во тек е реновирање, а многу е потешко да се прави големо реновирање во постоечки објект, каде има и пациенти и при тоа да не се загрозат потребните стандарди. Од овие два дена колку што е новиот економски директор и од разговорите што ги имавме сметам дека ќе нѝ биде од голема помош“, вели д-р Викторија Јовановска, директор на Клиниката за гинекологија и акушерство.

    Клиниката по подолго време добива економски директор, што е спротивно на реформата во здравството што лани ја најави поранешниот министер за здравство Арбен Таравари, со која требаше да се укинат економските директори, а парите што ќе ги заштедат од нивните плати да се дадат како награда на докторите.

    Оваа реформа требаше да се спроведе со мали измени на Законот за здравствена заштита со кои покрај укинување на економските директори, требаше да се укине плаќањето на лекарите по учинок и да се избрише временската рамка за превземање доктори од приватно во јавно здравство.

    Во време на Таравари дел од економските директори беа разрешени, а на нивно место не беа именувани нови, но 15 останаа на нивните работни места, од кои на седум клиники директори се од ДУИ, а на осум се од ВМРО-ДПМНЕ.

    Законските измени пролетва беа заглавени од ДУИ, кои бараа да им се најдат други работни места на нивните кадри, кои се засегнати со здравствената реформа. Министерот за здравство Венко Филипче тогаш кажа дека прави проценка за укинување на економските директори на клиниките, а минатиот месец кажа дека на дел од клиниките ќе останат организациските директори, поради обемноста и сложеноста на работата што ја имаат.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира