Заводот за заштита на спомениците од културата и музеј во Штип започна со конзерваторски и реставраторски работи на муслиманскиот храм Хусамедин пашина џамија, меѓу штипјани познат и како црква „Св. Илија“, затоа што се смета дека џамијата била изградена во втората половина на 16 век на темелите на црквата „Св. Илија“.
Уште во 1662 година турскиот патеписец Евлија Челебија ја споменува џамијата на Хусамедин паша која била изградена во центарот на Штип, од каде има убава панорама на градот. Со векови овој објект го користеле и муслиманите и христијаните за своите верски обреди, но повеќе од половина век објектот е со затворени врати, па верниците своите обреди ги правеле во дворот и околу основните столбови на објектот.
„Планираме комплетно да го конзервираме и реставрираме, затоа што со години овде ништо не е обновено токму поради недоразбирањата чиј е објектот. Сега објектот се води како џамија на Хусамедин паша. Но, проектот предвидува објектот да се адаптира како културно-историска градба и да биде како еден вид галерија што може да се користи од граѓаните, а пред сè Музејот во Штип за разни културни настани, изложби и слично“, вели директорот Митко Штерјов.
Директорот смета дека само со реализација на комплетниот проект за архитектонска конзервација ќе може да се заштити и спаси објектот кој, ако не се стори тоа, лесно може и да се сруши. Почнати се работите околу утврдувањето на степенот на издржливост на основните темели, а потоа ќе се работи и на останатиот објект и неговата купола.
Штипскиот музеј очекува поддршка од Министерството за култура.
Т. ЈОВАНОВСКИ