За време на првиот круг од локалните избори на 24 март 2013, обвинетиот во „Титаник“ на СЈО Мартин Протоѓер му се јавува на тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Љупчо Тодоровски, бидејќи како што вели, „Сашо спие“, и му вели дека треба да се викне директорот на Комуналното претпријатие на Охрид, се слушна во разговорот од бомбиуте што се емитуваат во денешното судско рочиште.
„Да го собереме тој директорот на Комуналното и со кола, под закани да носи Цигани што работат во Комуналец да гласаат. И полициски патроли да патролираат цел ден да се обесхрабрат комуњариве да гласаат“, му вели Протоѓер на Тодоровски, а овој се согласува.
Потоа, во друг разговор, Миле Јанакиески му се жали на Сашо Мијалков дека излезноста е катастрофално голема, а таму кај што се надевале дека ќе има висока излезност, кај Градска Болница, само 3% била сабајлето.
„Спијат комунистите, да им ебам мајката комунистичка“, му одговара Мијалков.
На денот на изборите настапува паника и масовна акција за јавување по луѓе да излезат како знаат и да гласаат, бидејќи гласачите на Андреј Жерновски излегуваат масовно. Миле Јанакиески е најагилен, десетици разговори има како врти и дава наредба луѓето да бидат барани и прашани дали излегле и гласале за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Тодоровиќ.
Денеска помина 500-тата од вкупно 1.000 бомби на судењето за предметот на СЈО „Титаник“ за злосторничко здружување и изборни нерегуларности.
Следното рочиште е на 18 октомври.
С. К. ДЕЛЕВСКА