Бугарската полиција привела едно лице, кое го сомничи за бруталното убиство на 30-годишната новинарка Викторија Маринова, која истражувала случаи на корупција, поврзани со фондовите на Европска Унија, објави Бугарското национално радио.
Неименуваното лице е опишано како „државјанин на Романија, кој живеел како скитник“, јави радиото. Кај него бил пронајден молдавски пасош.
Маринова беше пронајдена мртва во парк во северниот град Русе и првичната истрага покажа дека била силувана и убиена со удари во главата.
Таа работела на локалната приватна телевизија ТВН, каде што ја уредувала емисијата „Детектор“. Полицијата не можеше да потврди дали убиството е поврзано со нејзината работа или станува збор за други мотиви.