Бугарски државјанин е уапсен во Германија во врска со силувањето и убиството на новинарката Викторија Маринова, која во саботата беше пронајдена мртва во парк во градот Русе.
Полицијата го именуваше уапсениот како Северин Красимиров и министерот за внатрешни работи Младен Маринов изјави дека неговата ДНК се совпаѓа со доказите пронајдени на местото на злосторството.
Според доказите, убиството на Маринова не е поврзано со нејзината новинарска работа, туку, веројатно, станува збор за случаен сексуален напад. Јавниот обвинител Сотир Цацаров кажа дека засега сѐ уште не се исклучуваат и други можности.
Красимиров заминал за Германија во неделата, ден по нападот врз Маринова, јави весникот „168 часа“. Тој бил приведен откако по него бил распишан европски налог за апсење.
Романскиот државјанин со молдавски пасош, кој првично беше осомничен во случајот, е ослободен без обвинение.