Специјалното јавно обвинителство (СЈО) поднесе жалба на одлуката на Основниот суд Скопје 1 да не им одреди притвор на двајца од осомничените во истрагата за перење 5 милиони евра со кодно име „Поштенска банка“. За осомничените Томе Главчев, Ратко Димитровски и Коле Смилевски, СЈО побара притвор, но судија на претходна постапка вчера реши да му го одзеде пасошот на Коле Смилевски, а за Томе Главчев и Ратко Димитровски да се јавуваат во судот.
СЈО не ја обжали одлуката на судот за Смилевски поради лоша здравствена состојба, но за Главчев и Димитровски имаат индиции дека веќе влијаеле на сведоци, како и дека постои опасност од бегство во странство, па за нив двајца повторно е побаран притвор во поднесената жалба до Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1.
СЈО вчера отвори нова голема истрага за перење пари од времето на Љубчо Георгиевски како премиер, Марјан Ѓорчев како вицепремиер и Никола Груевски како министер за финансии, поради која вчераутро се приведени и однесени пред судија за претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 три од засега 9 осомничени лица во истрагата. Поради проток на време и застареност, во истрагата Георгиевски, Ѓорчев и Груевски се спасија од делото злоупотреба на службената положба.
Истрагата опфаќа повеќе поврзани настани за кривични дела Перење пари и други приноси од казниво дело од чл. 273 и со неа се опфатени девет лица: Ратко Димитровски, сопственик на печатницата „Европа 92“, Коле Смилевски, Томе Главчев, Викица Поповски, Георги Каратолис, Кирил Јаневски, Зоранчо Митровски, Ристо Милев и Златко Ѓорчев. Од извршените кривични дела сторени во временскиот период од 2001 до 2010 била прибавена имотна корист во износ од околу 5 милиони евра, вели СЈО.
С. К. ДЕЛЕВСКА