ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА Е НЕПРИФАТЛИВ ЗА ВМРО-ДПМНЕ, ИМ ОДГОВОРИ МИЦКОСКИ НА САД ВО ПИСМО ДО МИЧЕЛ

    ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА Е НЕПРИФАТЛИВ ЗА ВМРО-ДПМНЕ, ИМ ОДГОВОРИ МИЦКОСКИ НА САД ВО ПИСМО ДО МИЧЕЛ„И покрај тврдењата дека можел да се постигне некаков ‘подобар договор’, САД не веруваат дека тоа е можно“, му пиша вчера помошникот државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт Департментот Вес Мичел на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. - Христијан Мицкоски (Фото: Ѓ. Личовски)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски напиша дека Договорот од Преспа е неприфатлив за неговата партија во одговорот на вчерашното писмо на помошникот државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт Департментот Вес Мичел, во кое се вели дека САД се разочарани од позициите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот за името и за чекорите во Собранието за промена на Уставот.

    „Овој Договор е штетен за интересите на мојата нација и татковина и како таков е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ“, вели Мицкоски.

    Мицкоски, во одговорот објавен на партискиот сајт, вели дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ едногласно го прифатила ставот дека уставните измени кои се во собраниска процедура се неприфатливи, откако САД побараа од него да создаде простор за пратениците да одлучат како ќе гласаат за уставните промени ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда.

    „Што се однесува до делувањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени кои во моментот се во Собраниска процедура истото е плод на нашиот претходен став дека договорот не можеме да го прифатиме, кој беше едногласно прифатен вклучително и од пратеничката група, а притоа црпејќи го легитимитетот од референдумот кој се случи. И можам да ве уверам дека доколку има некакви информации за закани, уцени или било какви обиди за влијание врз нивното одлучување и одлучувањето на било кој пратеник тогаш тоа е од кругови или поединци кои не се дел од структурите на мојата партија. Јас не прифаќам таков начин на делување и истиот го осудувам“, се вели во одговорот на Мицкоски до Мичел.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели и дека како пријател на САД и како човек кој се образувал и работел во државите од ЕУ и целосно ги споделува тие западни вредности и сака заеднички да ја гради иднината на Македонија, базирајќи се на принципи и искрен однос.

    „Но, исто така сум човек кој силно верува во основните цивилизациски придобивки на самоопределување како Македонец и самоименување на мојата татковина Република Македонија“, го завршува писмото Мицкоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира