Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата на заедничка координација одлучиле да се откажат од дебата која што се води во Собранието за владиниот предлог за пристапување кон уставни измени, соопшти ВМРО-ДПМНЕ. Опозициските пратеници ги повикаа и пратениците од власта да се откажат од дебатата и да се пристапи кон гласање за предлогот на Владата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека пратениците биле едногласни дека ќе гласаат против уставните измени.
„Пратеничката група заклучува дека е кажано сè и дека нема потреба од натамошна дебата во однос на предложените уставни измени и Договорот од Преспа кој што беше отфрлен од народот на референдум. Истовремено пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ’За подобра Македонија‘ апелираат и до пратениците од владејачкото мнозинство и тие да се откажат од настапите и да се пристапи кон гласање по предлогот на Владата на Република Македонија за уставни измени. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ја изразија својата увереност дека предложените измени и амандманите на Уставот нема да минат во Собранието на Република Македонија и со тој свој став го запозна раководството на ВМРО-ДПМНЕ, при што едногласно ја потврдија својата позиција дека ќе гласаат против уставните измени“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Дебатата е во тек, а во салата е останат координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев.
Oд СДСМ велат дека „ако ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ја блокира иднината, секој пратеник треба да се издигне на висина на овој историски момент и да гласа за членство на Македонија во НАТО и ЕУ, за подобар живот за сите граѓани. Ако тоа не се случи одиме на предвремени парламентарни избори“.
М. ИЛИОСКИ