Затвореници од затворот во Шутка ќе волонтираат во скопската Зоолошка градина. Директорите на Зоолошката градина и КПУ „Скопје“, Ѓорѓи Галетановски и Ѓоко Котевски, денеска потпишаа Меморандум за соработка.
„Со ова го почнуваме проектот за ресоцијализација и едуцирање на осудени лица за полесни кривични дела. Затвореници ќе волонтираат во градината околу одржување на хигиената, чистење, уредување на нови и реновирање на постојните живеалишта. Зоолошка градина е отворена за соработка со сите државни установи и институции“, вели директорот на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски.
Од Зоолошката градина велат дека изминативе месеци зголемен е бројот на граѓани кои ја посетуваат градината. Рекордна посетеност од над 10.000 граѓани имало кога дојдоа слониците Дуња и Даела. Од таму додаваат дека во наредниот период во Зоолошката треба да стигнат и нови животни кои досега ги немало.
А. АНТЕВСКА