СЕДУМ ПРАТЕНИЦИ НА ВМРО-ДПМНЕ И ЕДЕН НА КОАЛИЦИЈАТА ГЛАСАА „ЗА“ КОГА МНОЗИНСТВОТО ГО ПРИФАТИЛО ПРЕДЛОГОТ ДА СЕ ИНТЕРВЕНИРА ВО НАЦРТ-УСТАВНИТЕ АМАНДМАНИ

    СЕДУМ ПРАТЕНИЦИ НА ВМРО-ДПМНЕ И ЕДЕН НА КОАЛИЦИЈАТА ГЛАСАА „ЗА“ КОГА МНОЗИНСТВОТО ГО ПРИФАТИЛО ПРЕДЛОГОТ ДА СЕ ИНТЕРВЕНИРА ВО НАЦРТ-УСТАВНИТЕ АМАНДМАНИОсумтемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата кои гласаа за предлогот за отпочнување измена на Уставот, гласале откако мнозинството по долги преговори го прифатило нивниот предлог за дискисија по уставните амандмани во наредната но не и конечна фаза на промена на Уставот; - пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа против станаа од местата кога се изведе поименичното гласање (Фото: К. Попов)

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата кои гласаа за предлогот за почнување измена на Уставот, гласале откако мнозинството по долги преговори го прифатило нивниот предлог  за дискусија по уставните амандмани во наредната но не и конечна фаза на промена на Уставот.

    Од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, „за“ гласаа пратениците Елизабета Канческа-Милевска, Емилија Александрова, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Нола Исмајлоска-Старова, Љубен Арнаудов, Зеќир Рамчиловиќ и Владанка Авировиќ.

    Пред почетокот на синоќешната седница, тие во Собранието објавија  писмо во кое ги образложуваат нивниот предлог во 4 точки, а велат дека се водат од „од обврската за македонското национално единство и победувајќи ги засекогаш концептите на ваша и наша Македонија, поделбите на патриоти и предавници кои доведоа до тоа брат на брат да тргне, да се растурат семејства, судбини, и да се подели македонското национално ткиво до тој степен како да станува збор за два народи, до степен брат брата да мрази и напаѓа и Македонецот да крене рака на Македонецот“.

    Оваа група пратеници предлага:

    •  Прифаќање амандман на Уставот со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет.
    • Прифаќање одредба на Уставот со која ќе се гарантира дека доколку Република Грција не го ратификува договорот и повторно ги попречува евро-атлантските интеграции на Република Македонија, ќе има безусловно поништување на сите прифатени уставни амандмани што произлегуваат од имплементацијата на Договорот од Преспа
    • Постепена промена на името за внатрешна употреба следејќи го процесот што води кон полноправно членство на РМ во ЕУ
    • Прифаќање на иницијативата на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, искажана на 31. седница на Собранието на Република Македонија на 15 октомври 2018 година за простување во врска со настаните на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија и сеопфатно национално помирување со формирање собраниско тело составено од координаторите на пратеничките групи, тројца пратеници и претседателот на Собранието, кои ќе изготват и предложат до Собранието план за национално помирување во рок од 30 дена.

    Тие велат дека дискусијата по овие предлози е услов од што ќе зависат и нивните ставови и конечната поддршка за Уставните измени.

    Премиерот Зоран Заев синоќа, веднаш по изгласувањето на владиниот предлог за потреба од пристапување на уставни измени, го спомна и овој предлог на пратениците.

    „Јас сум денеска среќен заради тоа што изнедривме двотретинско мнозинство за првата одлука која што сум убеден дека ќе биде охрабрување за следните чекори. Знаеме дека четири амандамни по Договорот има. Знаеме и за иницијативата на одредени пратеници за да го зајакнат идентитетот и јазикот, тоа е во духот на Договорот, знам и за иницијативите други за кои разговараат. И јас целосно сум подготвен, како што реков, пред пратениците во Парламентот да ние во Владата дојдеме овде во Парламентот заедно со пратениците дај боже со сите 120 да работиме на сите амандмани кои се неопходни, кои ќе не поврзат и ќе застанеме заедно, а има шанси да го завршиме овој процес и со 120 гласа ‘за’“, рече Заев.

    Тој кажа и дека во Собранието ќе се направи работна група која ќе работи на национално помирување: „Ајде сега да направиме долгиот пат да биде покус. Ни претстои работа низ парламентарниот процес за спроведување на Договорот од Преспа. Заедно ќе ги усогласиме амандманите на Уставот, заедно ќе работиме на помирувањето, прострувањето и на националното обединување, бидејќи и тоа бара посветеност и одговорност“.

    Заев истакна дека судските процеси кои се водат ќе продолжат и дека секој граѓанин во државата треба да сноси одговорност за тоа што е обвинет и што е потврдено со правосилна судска пресуда.

    „Судските процеси ќе продолжат. Веројатно инстанците правосудни за кои неколку пати кажувам дека немам намера да се мешам таму внатре, тие ќе си ги носат своите оценки, затоа што сето тоа што ние го работиме, сето тоа пред кое што е исправена Македонија е секако одговорност на сите во државата. Секако најодговорен е Парламентот, после тоа извршната власт, па понатаму се сите други институции во државата. Сето тоа што ќе се случува во Македонија ќе биде транспарентно на показ на граѓаните и ќе работиме исклучиво во правец на иднината на оваа наша земја, на членството во НАТО, на почеток на преговорите со ЕУ, но да и на помирување и на простување. Редно е навистина да изградиме единство и да се обединиме“, рече Заев.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира