БАРАЊАТА НА ОПОЗИЦИСКИТЕ ПРАТЕНИЦИ КОИ ГЛАСАА ЗА ОТВОРАЊЕ НА УСТАВОТ ЌЕ БИДАТ ИНКОРПОРИРАНИ ВО ИЗМЕНИТЕ, ВЕРУВА ЗАЕВ

    БАРАЊАТА НА ОПОЗИЦИСКИТЕ ПРАТЕНИЦИ КОИ ГЛАСАА ЗА ОТВОРАЊЕ НА УСТАВОТ ЌЕ БИДАТ ИНКОРПОРИРАНИ ВО ИЗМЕНИТЕ, ВЕРУВА ЗАЕВЗаев најави дека нацрт-уставните измени до Парламентот ќе бидат доставени порано од предвидените 15 дена; - Заев на ракијада во Валандово со министерот за земјоделие Љупчо Николовски и пратеничката Мери Лазарова (Фото: СДК.МК)

    Барањата на пратениците од опозицијата кои гласаа позитивно за отворање на измените на Уставот, за премиерот Зоран Заев не се пречка и проблем да се надоградат амандманите за да се утврди конечната верзија за уставните промени, согласно Преспанскиот договор со Грција. Ова Заев го кажа во Валандово, каде ги поздрави присутните лозари на традиционално печење домашна ракија. Тој верува дека барањата на осумтемина пратеници кои ги доставија пред гласањето во парламентот ќе бидат инкорпорирани во уставните измени.

    „Ќе седнеме заедно со стручните луѓе. Верувам дека ќе бидат инкорпорирани, бидејќи од тоа што го прочитав во барањата, апсолутно нема некои пречки и некои проблеми и верувам дека ќе можат да бидат добра алатка за да заедно се надоградиме и заедно гласаме до конечната верзија за уставните промени“, кажа премиерот Заев, и рече дека очекува „преку инклузивен процес надвор од политичките определби да бидат дефинирани уставните амандмани и заедно да се поддржи овој процес кој гарантира сигурност, безбедност, стабилност и економскиот просперитет на државата“.

    Заев вели дека нацрт-уставните измени до парламентот ќе бидат доставени порано од предвидените 15 дена и во нив дефинитивно ќе се види дека нема ништо болно, скриено и страшно за државата.

    „Јас ветив на пратениците дека ние од Владата ќе дојдеме во Парламентот со отприлика скицирани амандмани согласно Договорот од Преспа. Ќе седнеме заедно и власта и опозицијата, заедно да ги направиме нацрт-амандманите и верувам дека тоа може да го направиме и очекувам да расте мнозинството на поддршка, бидејќи во нацрт-амандманите и конечните ќе се потврди дека нема ништо што е болно, што е тешко, кое што е скриено и сите тие амандмани допрва ќе треба да нè фузираат и обединат оти тие ја гарантираат иднината на Македонија“, кажа Заев.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира