ИЛИЈА ДИМОВСКИ АПЕЛИРА ВМРО-ДПМНЕ ДА ПРЕСТАНЕ ДА СЕ ЗАНИМАВА СО БРКАЊЕ ТАКАНАРЕЧЕНИ ПРЕДАВНИЦИ И НЕПРИЈАТЕЛИ

    ИЛИЈА ДИМОВСКИ АПЕЛИРА ВМРО-ДПМНЕ ДА ПРЕСТАНЕ ДА СЕ ЗАНИМАВА СО БРКАЊЕ ТАКАНАРЕЧЕНИ ПРЕДАВНИЦИ И НЕПРИЈАТЕЛИПратеникот Илија Димовски во писмото до јавноста вели ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време, и пред и после валандовскиот Конгрес, се води во погрешен правец. - Илија Димовски стои замислен на гласањето за пристапување кон уставни измени во Собранието во петокот (Фото: К. Попов)

    Долгогодишниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски останува на ставот дека нема легитимитет да гласа за уставните измени, но смета дека политиките на ВМРО-ДПМНЕ се движат во погрешен правец што се гледа низ неостварените политички цели на партијата.

    Димовски смета дека нападите, разрешувањата и исклучувањето на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ во последниот период се избрзани и резултат на некорисни емоции и сериозен афект од состојбата.

    Тој вели дека нема да учествува во ниту една фингирана битка или пресметка во партијата.

    „Останувам и на мојот добро познат став дека ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време, и пред и после валандовскиот Конгрес, се води во погрешен правец, што се гледа низ неостварените политички цели на партијата. За жал, сега веќе е видливо, дека партијата се движи кон изолација, и спрема надвор, и спрема сите други политички фактори во државата, но и спрема сите свои членови кои за едни, други или трети теми имаат различно мислење од претходното и од сегашното раководство. ВМРО-ДПМНЕ сама се доведе во ситуација да го изгуби капацитетот да влијае на било кој сериозен политички процес во земјата и државните одлуки повеќе, за жал, не зависат во ништо од ставот на мојата партијата“, вели Димовски.

    Димовски понатака во писмото вели дека ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време не успева да оствари ниту една од своите политики и заложби токму заради оваа изолација.

    „Така и нашите поддржувачи губат верба дека било што и да е став и заложба на ВМРО-ДПМНЕ тоа некогаш може да стане реалност и да се ефектуира. Штета е и што внатрешно во себе, наместо да се шири, развива и расте, да прибира повеќе луѓе и идеи околу себе, партијата континуирано се занимава со бркање т.н. предавници, непријатели и нелојални членови. Сè додека не се воведе принципот на почит и поддршка за различно мислење од официјалниот став на партијата по однос на политиките, ВМРО-ДПМНЕ нема да успее да напредува. Во тој контекст размислувам и дека нападите, разрешувањата и исклучувањето на луѓе во последниот период се избрзани и резултат на некорисни емоции и сериозен афект од состојбата. ВМРО-ДПМНЕ растела секогаш кога прибирала луѓе околу себе. Сакам да подвлечам дека нема да учествувам во ниту една нова фингирана битка, игра и пресметка во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи почнувајќи со Конгресот во Валандово па се до ден денес сите се такви, фингирани“, пишува Димовски.

    Димовски смета дека сега на ВМРО-ДПМНЕ му треба темелна реформа на Статутот, а не козметичка и партијата мора да го напушти принципот за градење на култ на личност.

    „ВМРО- ДПМНЕ има обврска да направи дисконтинуитет со грешките од минатото. Партијата мора да научи да гради нови мостови наместо да ги крши и оние кои до сега го има. Овие чекори се единствен начин како партијата може да дојде повторно на сериозно ниво да влијае на политиките во државата, а и еден ден да се надева дека ќе се врати на одговорноста да ја предводи Македонија“, стои во писмото испратено до медиумите од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира