Судскиот процес за организираниот напад во Собранието на 27 април лани, по доцнење од 35 минути пак се одложи за уште 15-тина минути, затоа што на едниот од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста му се разболел адвокатот.
На излегување на кусата пауза, неколку обвинети се собраа пред влезната врата на новиот Основен суд Скопје 1, зашто судската полиција ја заклучила од безбедносни причини.
Првин, обвинетиот Борис Дамовски ја имитираше специјалната обвинителка Катица Јанева пред УБК при претресот пред две години.
„Отвори! Отвори!“, викаше Дамовски.
Додека се чекаше некој да ја отвори влезната врата од судот, Дамовски повика: „Орее Крсто дој, вратава не ти се отвора“, на што се смееја неколку адвокати и обвинети. Крсто не го чу повикот.
Пратениците Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ од пред една недела целосно се ослободени од притвор. Дамовски, Богдан Илиевски Бетмен, Игор Дурловски и Владо Јовановски, сѐ уште се во куќен притвор.
Доцнењето од 35 минути утринава беше поради тоа што доцнеше спроводот на обвинети што се во куќен притвор, а за кои е задолжена полициската станица „Беко“.
С. К. ДЕЛЕВСКА