Покрај Даниела Рангелова, која поднесе оставка од претседател на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, оставка од генерален секретар поднесе и пратеничката Лилјана Затуроска.
„Како генерален секретар поставен од претседателката Рангелова сакам да изразам голема благодарност за довербата која ми ја даде во два наврати и правев се од себе за да ја извршувам функцијата најдостоинствено што можеше. Рангелова и тимот ја поставија унијата на жени на високото скалило во партијата и така треба да продолжи. Давам оставка од оваа функција со искрени желби за уште посилни успеси на идниот тим кој ќе ја предводи унијата. Стојам на располагање на мојата партија почитувајќи ги и извршувајки ги одуките и активности кои ќе ми бидат доверени во иднина“, напиша Затуроска на Фејсбук.
Неофицијално, оставка од потпретседател на Унијата на жени си поднела и пратеничката Лилјана Кузмановска, актуелна претседателка на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова претходно денеска поднесе оставка од функцијата, велејќи дека не може да биде дел од раководство што ја турка партијата во изолација и е спремно да гази преку живи луѓе само за да го задоволи сопственото его и желбата за моќ.
Претходно оставка си поднесе координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев.
Г. ТРПЕНОСКИ