Владата вчера ги усвои измените на Законот за здравствена заштита, со кои треба да се укине плаќањето по учинок на докторите и да се избрише временската рамка за преземање здравствени работници од приватните во јавните здравствени установи. Владата соопшти дека на предлог на Министерството за здравство донела одлука предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита да се достави до Собранието. Со укинување на плаќањето по учинок на здравствените работници, нивната основна плата и делот за успешност ќе се утврдуваат согласно колективниот договор.
Директното преземање здравствени работници од приватните во јавните здравствени установи без распишување оглас, според сегашните законски одредби не е можно, бидејќи рокот за такво нешто како што е наведено во законот завршува во декември 2016 година. Со бришење на временската рамка, јавните здравствени установи поедноставно ќе може да го обезбедат потребниот кадар, онаму каде недостасува. Освен преземање доктори специјалисти од приватно во јавно здравство, ќе може да се преземат и медицинските сестри кои работеле во приватните ординации на матичните лекари, а останале без работа.
Овие куси законски измени беа најавени уште лани. Министерот за здравство Венко Филипче во февруари годинава рече дека ги подготвуваат законските измени и дека наскоро ќе ги дадат во собраниска процедура. Во јуни годинава, законските измени беа дадени во владина процедура, но точката беше симната од дневен ред и повлечена. Причина за повлекување на законските измени беше несогласувањето на владиниот коалиционен пратнер ДУИ, бидејќи со нив беше предвидено и укинување на вторите или економските директори од клиниките. Дел од економските директори на скопските клиники ги разреши ексминистерот Арбен Таравари, но дел, меѓу кои и кадри на ДУИ останаа. Во меѓувреме, министерот Филипче кажа дека на дел од клиниките нема да се укинуваат економските директори, поради обемноста на работата.
Е. БОЧВАРОСКА