Марика Митевска, член на првичната комисија во Министерството за транспорт и врски кога министер бил обвинетиот Миле Јанакиески, сведочеше во судскиот процес за противзаконска продажба на земјиштето во Сопиште за елитен комплекс „Сончев град”, познат како „Топлик“.
Покрај Јанакиески, тука се обвинети уште 5 вработени во Министерството за злоупотреба на службената положба и овластувањата.
Јанакиески, според обвинението на СЈО, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа. Штетата што ја направиле на државата е 65 милиони денари или милион евра.
„Димитар Димовски (второобвинет), доаѓаше да ни укажува дека побрзо треба работиме и да ја завршиме работата. Велеше дека треба да го извести министерот до кај е постапката. Но, ние од комисијата за јавни набавки составивме записник во кој му напишавме на министерот дека постапката околу тендерот за продажба на градежното земјиште е со фалинки. Јас се потпишав на записникот“, рече сведокот.
Поради воочените незаконитости Митевска и останатите членови на комисијата за јавни набавки си поднеле оставки, а Јанакиески формирал нова со петтемина кои сега покрај него се во обвинението на СЈО.
С. К. ДЕЛЕВСКА