Целиот град Пердајз, основан во 19. век, е уништен во пожарите кои пустошат низ Калифорнија и кои досега однесоа девет животи.
Само еден ден откако избувна на ридовите во околината на градот со 27.000 жители, пожарот се прошири на површина од 360 квадратни километри, уништувајќи над 6.700 објекти, повеќето од нив домови. Девет луѓе се пронајдени мртви, некои во своите автомобили, откако не успеале да се евакуираат на време. Околу 35 лица се водат како исчезнати.
„Се случи најлошото можно сценарио. Немаше време да чукаме на вратата од секој дом“, изјави шерифот на Бат Каунти, Кори Хонеа.
Освен во северниот дел, пожарите се надвор од контрола и во јужна Калифорнија и властите проценуваат дека над 250.000 луѓе досега морале да ги напуштат своите домови. Наредена е евакуација за целиот град Малибу, каде што куќи имаат и холивудски ѕвезди.
„Магнитудата на уништувањето на овие пожари е незамислива и неверојатна“, кажа Мајк Гилардучи од канцеларијата на гувернерот на Калифорнија.
Пожарите почнаа во четвртокот во близина на Таузенд Оукс, 65 километри северозападно од Лос Анџелес и тие сега покриваат површина од 14.000 хектари.