Стипендирањето од „Еуролинк осигурување“ за нас студентите беше зрак на надеж кој ја врати вербата дека образованието има смисла, вели 24-годишниот Златко Јакимовски, кој како студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ три години бил стипендист на осигурителната компанија.
За него, фактот што бил одбран за стипендист од приватна компанија како еден од најдобрите студенти, претставува сериозна референца при вработување и добил понуда за работа уште во текот на студиите. Поради специфичноста на работното место, не сака да зборува јавно за неговата работа, но вели дека го исполнува и целосно се наоѓа во неа.
Златко средното образование го завршил во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ во 2012, а во мај 2015 година како најрано дипломиран студент ги завршил студиите на Правниот Факултет. Во 2017 магистрирал на истиот факултет, на насоката Казнено право Модул Б – Казнено процесно право, на тема „Правото на жалба и потребата од реформа во насока на заштита на правата на обвинетиот во кривичната постапка“, а во моментов е на докторски студии при школата за Докторски студии на УКИМ од програмата на Деловното право.
„Првиот контакт со компанијата ‘Еуролинк’ како студент го имав во декември 2013 година, на Ораторската вечер ‘Иво Пухан’, која е традиционално поддржана од компанијата. На ораторската вечер бев апсолутен победник и во наредните три години 2014, 2015 и 2016 година бев нивни стипендист“, вели Златко.
Токму стипендијата за него била голем поттик во образованието во време кога, како што вели, македонското општество не изобилува со нешта со кои што би можеле да се пофалиме во било која сфера од општественото живеење.
„Тоа беше период кога ова општество доживеа длабока декаденција. Се наоѓавме во состојба на морален, финансиски, политички и пред сè образовен банкрот. Стипендирањето од ‘Еуролинк’ за нас студентите во тоа време беше зрак на надеж кој го врати верувањето дека образованието има смисла, дека вреди нешто да се знае, дека борбата за спознанието не е залудна. Тоа беше прв пример како една компанија сака да ви помогне исклучиво поради вашиот резултат при студирањето, без притоа да ви бара ништо за возврат, без никакви понатамошни обврски“, вели Златко.
„Во држава во која што 95 отсто од средношколците се запишуваат на факултет, каде што во секое поголемо село или помало гратче имаме 69 кафулиња, 15 обложувалници и 4 универзитети било приватни било дисперзирани студии од државни универзитети, не може да зборуваме за објективен процес на пронаоѓање работа според стекнатото образование. Потоа се чудиме зошто водоинсталатер ни наплаќа за половина час работа 3.000 денари, а некои магистри не можат да се вработат. Сепак, кога ќе се земе предвид фактот дека од секоја генерација студенти не повеќе од 20 отсто се на универзитет затоа што сакаат да научат нешто и веруваат во своите способности, убеден сум дека тие немаат потешкотии при наоѓањето работа“, вели Златко.
Иако голем е бројот на млади луѓе кои после завршување на студиите заминуваат од земјава, Златко вели решил да остане во Македонија и тука да се развива. Како студент неколку пати бил на студиски престои во најпознатите универзитети во Европа, но и покрај таквото искуство се определил да остане во Македонија и тука со своето знаење да придонесе за подобрување на општественото живеење.
Во изминативе пет години „Еуролинк осигурување“ додели 130 стипендии на студентите од Правниот факултет, со вкупна вредност од 5.700.000,00 денари. За доделување на стипендијата потребно е студентите да имаат остварено просечен успех од положени испити од најмалку 8,5, да не се корисници на друга стипендија и да го задржат статусот редовен студент со просечен успех од 8,5 во учебната година кога ќе ја користат стипендијата.
Во осигурителната компанија велат дека со овие стипендии сакаат да им помогнат на успешните студенти по право да си покријат дел од трошоците за студирање и да ги поттикнат успешно да го завршат факултетот.
Доделувањето на стипендиите за студентите од Правниот факултет е активност во рамките на програмата за општествена одговорност на компанијата „Еуролинк – вашата врска со вистинските вредности“, преку која годишно се реализираат повеќе проекти од областа на образованието, културата и уметноста во Македонија. Стипендијата за студентите од првиот циклус е во висина од 40.000,00 денари, додека стипендијата за постдипломските студии е со висина од 60.000,00 денари.