По укажување на домскиот лекар во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка, бизнисменот Орце Камчев, еден од петмината притворени во случајот на СЈО „Империја“, е сместен во новиот дел на вториот кат од установата, која според судии кои ги посетуваат притворените лица за време на дежурствата, не е ништо посебно и е далеку од европските стандарди.
„По прегледите на најновите пет притворени лица во затворот „Скопје“, лекарот препорача осомничениот Орце Камчев поради тоа што имал висок холестерол да биде издвоен од ќелиите на приземјето, каде што се најголемиот број од притворените лица, и да биде во ќелија на горниот кат каде што е со уште едно лица со притворска мерка. Не знам какви се тие тврдења за убави и привилегирани услови, кога затвор е затвор, какви сака соби нека има“, ни изјави директорот на затворот Шутка Ѓоко Котевски.
Ќелиите ги изгради во 2006 тогашниот министер за правда во владата на ВМРО-ДПМНЕ Михајло Маневски, зашто требаше да стигнат Хашките случаи за воени злосторства. Условот тогаш беше земјава да има обучени судии во Хаг за водење процеси за злосторства против цивилно население, но и да има ќелии по стандардите на Хашкиот трибунал.
Михајло и сопругата Филимена Маневски се многу блиски пријатели на осомничената Ратка Куноска-Камчева, мајка му на Орце, и на целото семејство Камчеви.
Судиите од кривичниот оддел за полнолетни и од организиран криминал од Основниот суд Скопје 1 велат дека има околу пет соби на катот во Истражниот затвор во Шутка, но далеку се од европски и од оние во Хаг кои личеа на хотелски соби и имаа телевизори. Но велат, овие соби имаат поголема светлина за разлика од обичните на приземјето и поубави душеци. Прегради на тоалетите има во сите ќелии, па и во „хашките“, единствена разлика е што во нив има веце шолја, а во обичните се чучавци. Плафоните не се толку високи како во долните ќелии, велат судиите со кои разговаравме.
Уште од времето кога бизнисменот Велија Рамковски и ексминистерот Љубе Бошкоски биле во притвор, тие ќелии што требало да бидат по европски стандарди биле оштетени и уништени, велат судиите.
Судија на претходна постапка вчераутро околу два часот им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена на Орце Камчев, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски од вкупно 12 осомничени во најновата истрага на Специјалното јавно обвинителство „Империја“. Мирчевски е директор на контроверзната оф-шор компанија „Ексико“, Панделески е директор на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ и сопственик на „Пелистерка“, Јосифовиќ е соработник на Камчев, а Арсовска е сметководителка во неговите фирми.
По спроводот во Шутка, ниту еден од четворицата притворени соработници на Камчев, не е сместен во ќелија на катот, т.н. хашка ќелија од вкупно 5 такви колку што ги имало.
„Утринава разговарав со притворените пет лица за кои се интересирате, ми рекоа дека се чувствуваат добро. Од понеделник тие добиваат право на посета од најблиските членови на семејството, како и од адвокатите, во рамки на истрагата што продолжува да ја води обвинителството против нив. Истите правила што важат за сите лица лишени од слобода во истражниот затвор, ќе си важат и за најновите пет притворени лица“, изјави вчера за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на затворот Шутка Ѓоко Котевски.
СЈО во петокот отвори истрага под кодно име „Империја“ против Јордан (Орце) Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.
С. К. ДЕЛЕВСКА