На денешното судење за организираниот напад во Собранието на 27 април лани продолжуваат да се прикажуваат вибер пораки од телефонот на тогашниот претседавач Трајко Вељаноски, кој не е меѓу 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
На 25 февруари 2017 Вељаноски, додека се одржуваат протестите „За заедничка Македонија“, му пишува по вибер на Никола Груевски:
„Подобро да се одржи митинг во сабота, ќе има повеќе време за подготовка, нема да врне и тогаш се повеќе ќе се наелектризира Македонецот“.
Трајко на Дејан Јабуче: „Да те пуштам да влезеш?“.
Јабуче: „На митингот стари, баби, дедовци“.
Јабуче: „Сликава ми дава надеж, уште поголема“.
Трајко до Гордана Јанкулоска на 27.02.2017: „Добар беше собирот денес“.
Јанкулоска, тогаш осомничена во многу случаи на СЈО, го прашува Трајко: „Миле што вика?“.
Трајко: „Супер беше“.
Трајко до Стевананџија на 27.02.2017: „Утре ќе се покажете“.
Овој му враќа: „Гарант!!“.
По ова Трајко му пишува: „Низ Прилеп ќе марширате?“.
Стевананџија враќа: „Да, со Петар Темелковски и здруженија на бранители“.
Трајко до Оливер Шамбевски на 27 февруари лани: „Се буди народ. Утре повеќе народ ќе има. Задутре, уште повеќе“.
Трајко продолжува: „Ќе има резултат“.
Шамбевски го прашува: „Само ми е нејасно кај ќе заврши ова“.
Трајко вика: „Не знам. Ама да се спречи влада, не верувам“.
Потоа вика: „Нема да има влада. Со жив ѕид ќе спречиме ако треба!“.
Шамбевски му пишува: „Ќе биде јако! Само, да не биде контрапродуктивно“.
Дејан, кој е мемориран во телефонот на Вељаноски како Дејан Јабуче, му испраќа порака на Вељаноски на 28.02. 2017: „Преубаво е пак“.
„Сè појако и појако“.
„Само позитивно. Само толку претседателе. Ова е народ“.
На 28.02.2017 Трајко го прашува Стевананџија по митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп: „Комуњарите усрани се, или си свиркаат?“.
Овој му враќа: „Го искршија кај Хари излогот“.
Трајко до Стевананџија: „Многу јако, полн со енергија си. Во сала во Собрание ќе ме браниш. Покрај тебе и Крсто, немам мака за воланот“.
Трајко во друга порака раскажува за состанок на општински комитет, најавува герила акција, напад на советници од СДСМ.
С. К. ДЕЛЕВСКА