Претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев за бегството на осудениот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вели дека бегства имало и ќе има, посочувајќи го примерот со основачот на „Викиликс“ Џулијан Асанж, кој им избега на британските власти, криејќи се во еквадорската амбасада во Лондон, каде што сè уште престојува. Џолев појасни дека Основниот суд Скопје 1 во ниеден случај и по ниеден закон не може самоиницијативно да побара притвор за одредено лице за кое се води постапка.
„Притвор за лице за кое се води постапка може да побара само надлежниот обвинител, во случајот СЈО. За случајот ‘Тенк’, во ниту еден момент од почетокот на истрагата СЈО не побара притвор за Никола Груевски. Имаше пример по истиот предмет кога му ја соопштија пресудата на третиот обвинет Ѓоко Поповски, СЈО веднаш побара мерка притвор и судијата му ја одреди. Повторувам, за Груевски во ’Тенк‘ никогаш не бил побаран притвор“, рече Џолев.
Тој ја објасни и процедурата за распишување меѓународна потерница.
„Оној момент кога МВР ќе констатира дека тоа лице се навистина се наоѓа во Будимпешта и ќе утврди дека се чекирал навистина од таму. Знаете, секој може да се чекира во Њујорк, а да е во Скопје. Тогаш ќе го извести судот со официјален заклучок и дури тогаш Основниот суд Скопје 1 ќе издаде наредба за распишување меѓународна потерница за него“, кажа Џолев.
На прашање зошто во петокот, уште првиот пат кога не беше најден дома од судскиот доставувач, не беше распишана потерница по Груевски, Џолев одговори дека до петокот тој беше слободен човек и во рамки на законската процедура судот веднаш почна да го бара и тоа го продолжи и вчера.
С. К. ДЕЛЕВСКА