СЕ ПОТРОШИ СЕРУМОТ ПРОТИВ БЕСНИЛО ВО БОЛНИЦИТЕ ОТИ ИМА МНОГУМИНА КАСНАТИ ОД КУЧЕ

    СЕ ПОТРОШИ СЕРУМОТ ПРОТИВ БЕСНИЛО ВО БОЛНИЦИТЕ ОТИ ИМА МНОГУМИНА КАСНАТИ ОД КУЧЕЗа еден месец на Клиниката за инфективни болести биле третирани 95 пациенти каснати од кучиња, а во Градската општа болница „8 Септември“ од јануари досега 310 пациенти, од кои 210 примиле серум (Фото: СДК.МК)

    Скопјани искасани од кучиња, кои минатата недела и викендов побарале медицинска помош на скопските клиники, велат дека не можеле да добијат серум против беснило бидејќи го нема на Клиниката за инфективни болести. Од таму ги препратиле во Градската општа болница „8 Септември“, но и таму немало, по што се обиделе да купат и во аптека, но добиле одговор дека воопшто нема серум во целата земја.

    Скопјанец кој викендов бил искасан од кучиња додека се шетал по кејот на Вардар во центарот на градот, вели дека откако раната му била санирана во Ургентниот центар на скопските клиники, го препратиле на Клиниката за инфективни болести за да прими антитетанус вакцина и серум против беснило.

    „На Инфективна ми кажаа да се јавам во ‘8 Септември’. Ме советуваа во рок од два дена да примам антитетанус вакцина и серум против беснило, ми дадоа извештај и ме препратија во ‘8 Септември’, каде исто нема серум. Персоналот е љубезен, но нема со што да нè лекува. Се обидов во неколку аптеки, од каде ми кажаа дека серум против беснило нема никаде во земјава“, вели скопјанецот.

    На Клиниката за инфективни болести во Скопје  велат дека минатиот месец биле прегледани и третирани 95 пациенти каснати од кучиња и дека во овој период ги потрошиле резервите од вакцини и серум.

    „Во овој период на Клиниката беа потрошени резервите за вакцино и серопрофилакса за тетанус (ампули теталпан , ампули тетабулин), а нивната набавка како и за сите лекови оди со тендерска постапка. Во овој период не сме во можност да распишеме тендер за набавка на истите, и се обративме до Министерството за здравство каде од државните резерви ќе биде надополнет овој дефицит, со што пациентите ќе може по индикација да ја примаат наведената терапија“, велат од Клиниката за инфективни болести.

    Од инфективното одделение на Градската општа болница „8 Септември“ велат дека антитетанус вакцина имаат, но дека последните две недели ги потрошиле сите резерви на серум против беснило.

    „Нема ниту кај нас, ниту на Инфективна клиника. Како што ми кажуваат колегите, има мали количини во болниците во Куманово, Тетово и Гостивар. Секојдневно имаме од еден до тројца пациенти каснати од куче, а од јануари до крајот на октомври сме третирале 317 пациенти каснати од куче, а 210 третирани се и со серумска профилакса“, вели д-р Пецо Илиевски, началник на инфективно одделение во „8 Септември“.

    Од Инфективна клиника велат дека секој пациент кој е каснат од куче по прегледот од лекар се проценува дали за санација на раната е потребно хируршки да се обработи или е доволна само една тоалета.

    „Откако ќе се направи увид во вакциналниот статус на пациентот од здравствената легетимација, се постапува по протокол за спроведување на серо и вакцинопрофилакса за тетанус како и за беснило, што зависи од тоа дали се работи за познато, непознато, вакцинирано или невакцинирано животно“, велат од Клиниката за инфективни болести.

    Според податоците од Град Скопје во просек годишно сто граѓани поднесуваат тужба бидејќи биле нападнати, каснати и повредeни  од улични кучиња. Речиси сите тужби завршуваат со полза на граѓаните, а обесштетувањето кое потоа им го плаќа Градот се движи од 1.000 до 2.000 евра. Со тоа од буџетот на Град Скопје годишно околу 100.000 евра се даваат за обесштетување на граѓани од каснато куче.

    Во моментов против Градот Скопје се поднесени 144 тужби од граѓани каснати од куче.

    Прецизни податоци за другите градови во Македонија нема.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира