На стариот пат што води од Охрид кон Струга, во должина од околу два километри, во Охридското Езеро е фрлен градежен шут, со што е покриена трската. Тампонот од отпад влегува десетина метри во езерската вода.
Од „Охридски комуналец” велат дека кај нив не биле пријавени никакви активности на тој дел од патот.
„Уште овој момент јас лично ќе видам за што се работи. Немам информација дека таму се одвиваат некои градежни зафати”, кусо ни изјави директорот на ова јавно претпријатие Љупчо Грдановски.
И во локалната самоуправа во Охрид не знаат што се случува на тој дел од стариот пат кон Струга.
„Ниту еден од нашите органи нема издадено одобрение за некакви активности на тој дел, ниту за одлагање на градежен шут”, ни одговорија од локалната самоуправа.
Д. ЧУБРИЌ