За изградба на Клиничкиот центар во Скопје следната недела ќе има дебата во Собранието, кажа премиерот Зоран Заев за делот на капитални инвестиции кои не беа реализирани годинава, а се префрлаат во буџетот за следната година. Тој рече дека владината комисија која расправала околу можната локација на Клиничкиот центар ја завршила својата работа и оти сега за тоа ќе расправаат со пратениците. Претходно владата најави дека можна локација е скопско Бардовци.
„Покрај постоечката локација се разгледуваа и локации во Ѓорче Петров и во Петровец. Откако ќе ја утврдиме локацијата, ќе почнеме со реализација. Јас се надевам дека ќе биде таа локација каде има најмногу земјиште кое е на Република Македонија, најлесна урбанизација и лесна изработка на проектна документација на главен проект. Ако сето тоа успееме до првото полугодие да го завршиме, ќе го тендерираме. Се работи за џиновски проект кој е влезен во севкупниот план за контролиран јавен долг на државата“, кажа Заев.
Во предлог-буџетот за 2019, во потпрограмите за финансирање на Министерство за здравство предвидени се 429 милиони денари за изградба на клиничкиот центар во Скопје и Штип, за наредната 2020 предвидени се 309 милиони, а за 2021 предвидени се 186 милиони денари.
Заев рече дека во буџетот за 2019 за здравствена заштита предвидени се 30 милијарди денари, што е повеќе за два милијарди денари во однос на буџетот од претходната година.
„Овие средства се наменети за здравствени програми, за бесплатна болничка услуга за одделни ранливи категории лекови за лица, за набавка на лекови за ретки болести“, рече Заев.
Е. БОЧВАРОСКА