На паркингот спроти хотелот „Холидеј ин“ во најстрогиот центар на Скопје ќе има згради, само нема да бидат 60-катници, како што предвидува постојниот Детален урбанистички план (ДУП), кој во моментов е под мораториум. Изминативе десетина дена, просторот на паркингот и околу него се расчистува од времените објекти, а не работи ниту паркингот со кој стопанисуваше АД за Стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП). Рампите за влез и излез од паркингот се кренати и поставен е натпис слободен влез.
Од АДСДП велат дека голем дел од површината каде што беше паркингот со денационализација е вратен на приватни сопственици, кои потоа ја продале на приватен инвеститор.
„Дел од сопствениците, меѓу кои е и Македонската православна црква, парцелите ги продале на приватен инвеститор кој согласно Законот за градежно земјиште извршил дооформување на целокупната урбанистичка парцела согласно важечкиот Детален урбанистички план. Во однос на одлуката за понатамошното работење на паркингот, јавноста ќе биде наскоро информирана. Новонастаната сосотојба е причина поради која нашиот менаџмент ги разгледува сите опции. АДСДП нема да дозволи ниту еден корисник на нашите услуги да биде оштетен“, велат од АД за Стопанисување со станбен и деловен простор.
Планот кој сега е под мораториум и се ревидира беше донесен на Советот на Општина Центар на 21 јуни 2007, со кој се предвидува максималната висина на објектите да е до 300 метри. Планот беше донесен по барање на тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ за да може да го реализираат таканаречениот проект „Менхетн“.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека во моментов на овој простор не може да се гради, односно дека немаат издадено градежна дозвола, бидејќи и овој ДУП е под мораториум. Откако ќе се донесе новиот ревидиран план на овој простор ќе има згради, но Богдановиќ вели дека уште не знае колку објекти ќе има и колкава ќе биде нивната висина, бидејќи планот уште се изготвува.
„Тој план се работи, 60-катници таму нема да има. Таму има имот во приватна сопственост, дел од луѓето имаат куќи и не можат да си го реализираат прашањето, оти долги години не е донесен планот. Мое мислење е дека треба да се даде развој на тоа место, но нормален и контролиран, не 60-катници. Да биде нешто нормално, да не бидат четири или пет згради, да бидат две или три. Да се почитуваат правилата според новиот Закон за потреба од зеленило“, вели Богдановиќ.
А. АНТЕВСКА