ВЛАДАТА ОДЛУЧИ ДА ОБЕЗБЕДИ КРЕДИТ ОД 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА НА ЈУГОХРОМ ЗА ИЗГРАДБА НА ФИЛТЕРСКА ПОСТРОЈКА

    ВЛАДАТА ОДЛУЧИ ДА ОБЕЗБЕДИ КРЕДИТ ОД 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА НА ЈУГОХРОМ ЗА ИЗГРАДБА НА ФИЛТЕРСКА ПОСТРОЈКАМакедонската банка за поддршка на развојот треба да склучи договор за кредит со Друштвото за производство, трговија и услуги ЈУГОХРОМ АЛЗАР ДООЕЛ увоз-извоз Јегуновце од кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) во износ од 92.242.500 денари (Фото: Влада)

    Владата на денешната седница одлучи да обезбеди кредит за комбинатот Југохром од Јегуновце во висина од 1,5 милиони евра за изградба на филтерска постројка, која е неопходна оваа фабрика да добие А интегрирана еколошка дозвола за работа.

    „Владата ја задолжи Македонската банка за поддршка на развојот да склучи договор за кредит со Друштвото за производство, трговија и услуги ЈУГОХРОМ АЛЗАР ДООЕЛ увоз-извоз Јегуновце од кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) на износ од 92.242.500 денари за изградба на филтерска постројка за заштита од загадување, со што ќе се овозможи фабриката да продолжи да работи и да се ангажираат вработените“, соопшти Владата.

    ВЛАДАТА ЌЕ ОБЕЗБЕДИ ЗАЕМ ЗА ЈУГОХРОМ ДА ГИ ДОГРАДИ ФИЛТРИТЕ

    Ова на претставниците на компанијата и на синдикатот на вработените уште во мај годинава им го вети вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, за да се рестартира работата на комбинатот и вработените да продолжат со работа.

    Според законските прописи сите постоечки индустриски капацитети требаше да обезбедат А интегрирана еколошка дозвола за работа до април 2014 година. Сите компании ја добија оваа дозвола во предвидениот рок, освен Макстил И Југохром. На овие две фабрики неколку пати им беше пролонгирал рокот за да ги постават потребните филтри за заштита на животната средина. Макстил во меѓувреме ја доби дозволата за работа, а единствено Југохром остана без да ги исполни задачите од оперативниот план за добивање на дозволата. Југохром беше затворен на први ноември лани по одлука на Државниот инспекторат за животна средина, откако компанијата не го испочитува и последниот рок за поставување филтри.

    На денешната седница Владата ги зголеми средствата за поддршка на трошоците за купување печки на пелети во домаќинствата од 14.000.000, на 21.000.000 денари. Министерството за економија доби задолжение да објави втор јавен оглас, на кој ќе може да аплицираат сите домаќинства кои купувале печки на пелети во периодот  од 1 септември до 12 декември оваа година.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира