Речиси два месеца, мерната станица во центарот на Битола не мери колкаво е загадувањето со ПМ 10 честички. На интернет страницата на Министерството за животна средина, каде се објавуваат параметри од мерењата, податоци од мерната станица Битола 2 нема од 20 септември годинава.
Од Општина Битола изјавија дека веќе е задолжено лице да испрати допис до надлежните за сервисирање на станицата.
„Одржувањето на мерната станица е во надлежност на Министерството за животна средина. Локалната самоуправа издаде барање до инспекторот за животна средина да испрати допис до Министерството и да се иницира акцелерирање, односно санирање на мерната станица“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
На крајот на минатиот месец, советниците едногласно изгласаа да се задолжи градоначалникот да побара сервисирање и ставање во функција на мерната станица Битола 2.
Оваа мерна станица во изминатите години за време на грејната созона секогаш покажуваше големо присуство на суспендирани честитки во воздухот во централното градско јадро. Како едни од најголемите загадувачи се сметаат домаќинствата и институциите кои се греат на дрва и мазут. Лани во ноември, истата станица измерила дури 17 дена со загадување над дозволените концентрации.
Активна е само мерната станица на периферијата на Битола, која покажува зголемено присуство на суспендирани честички и речиси двојно надминување на вкупниот број дозволени денови со концентрации повисоки од дозволените. Досега оваа мерна станица измерила 62 денови со аерозагадување, а дозволени се 35.
Ж. ЗДРАВКОВСКА