ОПРЕМАТА ВО ПЕТ ЦЕНТАРОТ СО ПОМИНАТА ГАРАНЦИЈА И НЕ СЕ ОДРЖУВА, СО ФИЗИБИЛИТИ СТУДИЈА ОД 10.000 ЕВРА ЌЕ СЕ УТВРДУВА ДАЛИ Е МОЖЕН ВЛЕЗ НА ПРИВАТЕН ПАРТНЕР

    ОПРЕМАТА ВО ПЕТ ЦЕНТАРОТ СО ПОМИНАТА ГАРАНЦИЈА И НЕ СЕ ОДРЖУВА, СО ФИЗИБИЛИТИ СТУДИЈА ОД 10.000 ЕВРА ЌЕ СЕ УТВРДУВА ДАЛИ Е МОЖЕН ВЛЕЗ НА ПРИВАТЕН ПАРТНЕРВо техничките спецификации на огласот стои дека физибилити студијата треба да обезбеди општа, техничка, правна и економско-финансиска анализа за оправданоста од доделување договор за воспоставување јавно приватно партнерство за Институтот за позитроно-емисиона томографија (Фото: СДК.МК)

    Министерството за здравство вчера распиша јавен оглас за изработка на физибилити студија за јавно-приватно партнерство за Институтот за позитроно-емисиона томографија, односно за ПЕТ центарот. Според податоците од системот за јавни набавки огласот е отворен до трети декември, а вредноста на набавката е 600.000 денари, или скоро 10.000 евра.

    Во описот на огласот зошто се бара ваква студија стои дека ПЕТ центарот нема соодветен кадар, опремата не се одржува соодветно и поминат ѝ е гарантниот рок, објектот не е осигуран, а проблем претсатвува и набавката на потрошен материјал поради недостиг од кадар.

    „Институтот во овој момент се соочува со низа проблеми, кои се одразуваат на работењето, недостаток од соодветен кадар, проблем со опремата на која ѝ е поминат гарантниот рок. Објектот не се одржува и сервисира по тековните проблеми се решаваат поединечно, објектот не е осигурен, не се врши планира бекап во делот на ИТ опремата, а редовната набавка на потрошен материјал претставува проблем при недостатокот на технички кадар“, стои во огласот за прибирање понуди за физибилити студија.

    Понатаму во огласот се вели дека иако ПЕТ центарот е единствен ваков центар во регионот циклотронот за производството на краткоживеачки изотопи и радиофармацевтски препарати не работи со полн капацитет, а со полн капацитет не работи ниту одделот за дијагностика со една ПЕТ/КТ камера.

    ВЛАДАТА САКА ВО ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“, ИТНАТА ПОМОШ И ПЕТ ЦЕНТАРОТ ДА ВЛЕЗЕ ПРИВАТЕН ПАРТНЕР

    Огласот е распишан по одлуката на Владата од мај годинава со која Министерството за здравство доби задолжение да изработи физибилити студии дали е можно приватен партнер да влезе во ПЕТ центарот, Градската општа болница „8 Септември“, Патронажната служба и Итната медицинска помош.

    Министерот за здравство Венко Филипче тогаш објасни дека идејата за овие физибилити студии е да се види дали може во овие јавни здравствени установи да влезе приватен партнер кој може да донесе подобри услуги за пациентите.

    „Сакаме да видиме дали може приватен партнер да влезе во ПЕТ центарот, кој има циклотрон за производство на радиоизотопи, кои пак се неопходни за снимање со ПЕТ камерата. Во моментов за домашните потреби се користат 3 отсто од капацитетот на циклотронот, а идејата е да најдеме партнер кој ќе може да го разработи овој дел, односно да обезбеди 100 проценти искористеност на циклотронот и радиозиотопите да ги продаде во земјите од регионот кои немаат ваква технологија, како што се Албанија, Црна Гора, и другите земји што купуваат радиоизотопи“, рече тогаш Филипче.

    Во техничките спецификации на огласот стои дека физибилити студијата треба да обезбеди општа, техничка, правна и економско-финансиска анализа за оправданоста од доделување договор за воспоставување јавно приватно партнерство.

    Оваа студија треба да предложи најдобар модел за искористување на капацитетот на ПЕТ центарот, како и насоки како треба да биде склучен договорот за јавно-приватно партнерство.

    ПЕТ центарот почна да се гради во 2013 година и тогашниот министер за здравство Никола Тодоров кажа дека неговата изградба ќе чини 250 милиони денари или четири милиони евра. Институтот за позитроно-емисиона томографија како посебна здравствена установа беше формиран во 2015 година, а во јануари 2016 година беше организирана свеченост по повод завршување на градежните работи на која покрај Тодоров присуствува и премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев и експремиерот Никола Груевски. Тогаш беше кажано дека изградбата на центарот и опремата која е набавена чинат 16 милиони евра. Центарот пак со пациенти за кои здравствената услуга ја покрива Фондот за здравствено осигурување почна во 2017 година.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира