СТУДЕНТ ВО ЗАВРШНА ГОДИНА ЌЕ ПРЕДАВА ФИЗИКА ВО СКОПСКОТО УЧИЛИШТЕ КОЕ ТРИ МЕСЕЦИ БЕШЕ БЕЗ НАСТАВНИК

СТУДЕНТ ВО ЗАВРШНА ГОДИНА ЌЕ ПРЕДАВА ФИЗИКА ВО СКОПСКОТО УЧИЛИШТЕ КОЕ ТРИ МЕСЕЦИ БЕШЕ БЕЗ НАСТАВНИКОткако САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека група родители од осмо и деветто одделение доставиле претставка до Народниот правобранител оти од почетокот на учебната година немаат наставик по физика, а полагаат тестови, вработен e студент во четврта година (Фото: К. Попов)

Учениците од основното училиште „Кузман Јосифовски-Питу“ од скопска Кисела Вода добија наставник по физика. Откако минатата недела САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека група родители од осмо и деветто одделение доставиле претставка до Народниот правобранител оти од почетокот на учебната година немаат наставник по физика, а полагаат тестови, вработен е студент во четврта година.

„Проблемот е надминат, учиниците добија наставник. На огласот кој го распишавме се пријави само едно лице, кое е студент во четврта година. Според законот, може да се ангажира лице доколку е во завршна фаза на студиите и во одреден рок ги заврши“, вели градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски.

Наставничката по физика уште летоска, по завршување на учебната година, го известила директорот на училиштето дека од септември ќе користи породилно боледување и дека треба да најдат заменски наставник. Но, наставник по физика училиштето до пред неколку дена немаше, па од почетокот на учебната година до сега, часовите на децата им ги држел наставник по информатика, кој само им ги читал лекциите.

По претставката од родителите, канцеларијата на Народниот правобранител интервенирала до Министерството за образование и Општина Кисела Вода потенцирајќи дека се крши членот 25 од Законот за правото на образование, односно дека децата не можат да го остварат правото на непречено и квалитетно образование.

Од Општината пред една недела ни одговорија дека проблемот настанал оти оваа професија, односно професори по физика и хемија, се дефицитарен кадар.

„Ние навремено реагиравме, распишавме оглас, но на него никој не се пријави. Потоа, во Агенцијата за вработување побаравме листа на лица кои се невработени физичари и хемичари. Но, такви лица нема. Во текот на неделава ќе распишеме втор оглас кој ќе го прошириме, односно ќе бараме и професори по математика“, изјави минатата недела градоначалникот Темелковски.

А. АНТЕВСКА

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира