ДАЛИ ВО СОБРАНИЕТО ИМАШЕ ПОЛИЦАЈЦИ ИЛИ СПОМЕНИЦИ, ОБВИНЕТИОТ КОЉО ГО ИСПРАШУВА ТЕЛОХРАНИТЕЛОТ НА ВЕЉАНОСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ

    ДАЛИ ВО СОБРАНИЕТО ИМАШЕ ПОЛИЦАЈЦИ ИЛИ СПОМЕНИЦИ, ОБВИНЕТИОТ КОЉО ГО ИСПРАШУВА ТЕЛОХРАНИТЕЛОТ НА ВЕЉАНОСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛТолпата се искачува по скалите на влезот од Собранието на 27 април лани (Фото: СДК.МК)

    Дали на скалите стоеја полицајци или споменици кои не ја спречија толпата да се качи горе во Собранието, го праша обвинетиот Никола Митревски-Кољо шефот на обезбедувањето на Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски-Леви, кој денеска сведочеше на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април лани.

    На прашањето на Митревски, во вкрстеното испрашување, тој да го оцени однесувањето на полицајците на влезот во Собранието како искусен полициски службеник, Ѓошевски му одговори дека полицајците кои тој ги нарекува споменици од него побарале вода.

    По ваквиот одговор Митревски му рече: „Кажете ми, дали си ја вршеа својата работа или вода пиеја од фонтаната“.

    Ѓошевски, кој исто така е еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, рече дека полицајците пиеле вода, а за нивната работа не може тој да одговара, туку нивните надредени и сигурно тие постапувале под нивна наредба.

    Ѓошевски во своето сведочење кажа дека за време на нападот бил пред кабинетот на тогашниот претседавач Трајко Вељановски. Откако масата влегла во Собранието, тој за тоа го известил Вељановски, по што Трајко му рекол да остане пред кабинетот. Додека стоел таму, видел луѓе со фантомки како влегуваат, а рече и дека дел од народот извикувал „каде е предавникот Вељаноски, кој дозволи химна на друга држава да се пее во Собранието“.

    Обвинетиот Александар Василевски-Нинџа го праша Ѓошевски зошто додека стоел пред кабинетот на Вељановски како полициски службеник не ги легитимирал лицата со фантомки.

    „Во овластувањата на полициските службеници стои дека ако во настаната ситуација животот им е загрозен и нема помош, не може да се постапи. Јас бев сам со 10 маскирани лица, како да извршам легитимирање“, одговори Ѓошевски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира