ЛАТАС И ИВОНА СЕ ШЕТАА НИЗ СОБРАНИЕТО И ПРАВЕА СЕЛФИЈА, СВЕДОЧИ ОБВИНЕТИОТ ТЕЛОХРАНИТЕЛ НА ВЕЉАНОСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ

    ЛАТАС И ИВОНА СЕ ШЕТАА НИЗ СОБРАНИЕТО И ПРАВЕА СЕЛФИЈА, СВЕДОЧИ ОБВИНЕТИОТ ТЕЛОХРАНИТЕЛ НА ВЕЉАНОСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛОбвинетиот Горан Ѓошевски пред Основниот суд Скопје 1 на пауза од денешното судење за организираиот напад во Собранието на 27 април лани. (Фото: СДК.МК)

    По вкрстеното испрашување од обвинетите и нивните адвокати, прашања на обвинетиот Горан Ѓошевски-Леви му поставуваше судијката Добрила Кацарска на денешното рочиште за организираниот напад во Собранието на 27 април лани.

    Таа го праша шефот на обезбедувањето на тогашниот претседавач Трајко Вељаноски како е можно полициски службеник да ја спроведува толпата и да ги насочува каде да се движат, како што било видено и на снимките кои се гледаа во судницата.

    „На снимките видовме дека се знаете со Никола Митревски-Кољо, но кажете ми колку добро се знаете со обвинетиот, за да му го покажувате патот и пред вас, висок полициски службеник, со нога да крши врата, а вие ништо да не правите“, го праша Кацарска Ѓошевски, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

    Ѓошевски ѝ одговори дека го знае Кољо оти пред да работи во Собранието, бил во одделот за недозволена трговија во Автокоманда и таму го знае неговото име и презиме и тврдеше од говорницата за сведочење дека не го насочувал него и насилниците и само му кажал на Кољо дека вратата која тој ја скршил не се отвора со клуч, туку е електронска.

    Кацарска го праша дали познавал други лица од толпата која влезе во Собранието на 27 април лани.

    „Познав јавни личности кои сите ги знаат, но со никој од нив не е пријател. Ги знам како и јавноста. Латас и Ивона Талевска и други се шетаа низ Собранието и правеа селфи пред кабинетот на Вељаноски. Вода лично јас не делев на толпата, туку ја извадивме од бифето и ја ставивме во ходникот за да не го уништат“, одговараше Ѓошевски.

    На крајот Кацарска го праша дали смета дека таа вечер постапил според овластувањата и задачите на висок полициски службеник на што Ѓошевски рече: „Сметам дека постапив според моите овластувања, мојот штитеник Вељановски да биде безбеден“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира