УТВРДЕН И НАЦРТ-АМАНДМАНОТ СО КОЈ ВО ПРЕАМБУЛАТА НА УСТАВОТ „ОДЛУКИТЕ НА АСНОМ“ СЕ ЗАМЕНУВА СО „ПРОГЛАСОТ НА АСНОМ“

    УТВРДЕН И НАЦРТ-АМАНДМАНОТ СО КОЈ ВО ПРЕАМБУЛАТА НА УСТАВОТ „ОДЛУКИТЕ НА АСНОМ“ СЕ ЗАМЕНУВА СО „ПРОГЛАСОТ НА АСНОМ“Претседателот на Собранието Талат Џафери продолжението на собраниската седница го закажа за утре, кога треба да се расправа по преостанатите два нацрт-амандмани. По завршувањето на собраниската расправа, Владата ќе организира јавна дебата за нацрт-амандманите која ќе трае пет дена (Фото: К. Попов)

    Собранието доцна попладнево со 65 гласа „за“, 18 „против“ и 8 „воздржани“ го утврди и вториот нацрт-амандман (34) за промена на Уставот предвиден со Договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Грција. Со нацрт-амандманот 34 се менува Преамбулата на Уставот, во неа зборовите „Одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ“, а се додава и „Рамковниот договор“.

    Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села во расправата рече дека во Преамбулата сите граѓани на Македонија треба да бидат еднакви.

    „Ние инсистираме државата да се дефинира како мултиетничка држава во Преамбулата. И верувам дека секој политички субјект во Собранието на еден или на друг начин го има кажано ова“,  рече Села.

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров  во репликата на дискусијата на Села рече дека е легитимно да се разговара за вакви прашања, посебно кога ќе почне јавната расправа за нацрт-амандманите.

    „Не е добро чуството дека некој тука е привремено. Македонија е заедничка држава на сите нас и мислам дека е вредно за сето тоа да се дебатира“, му реплицираше Димитров на Села.

    Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска рече дека Владата на СДСМ се обидува да ги избрише одлуките на АСНОМ со кои е конституирана модерната македонска држава и дека истите ќе станат необврзувачки во Македонија и „значи дека ние се откажуваме од сите жртви кои македонскиот народ ги дал во текот на Народноослободителната борба“.

    „Владата се повикува на Прогласот на Првото заседание на АСНОМ, а не на неговите конститутивни одлуки. Прогласот нема конститутивни одлуки, односно тој е проглас во кој се информира народот во Македонија за работата на првото заседание на АСНОМ. Со прогласот само се известува македонскиот народ, дека е одржано Првото заседание на АСНОМ и дека се удрени темелите на македонската федерална држава“, рече Стојаноска.

    Претходно  пратениците го утврдија и првиот амандман (33), со кој се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36 кој има историски аспект и се однесува на „посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија“.

    Претседателот на Собранието Талат Џафери продолжението  на собраниската седница го закажа за утре, кога треба да се расправа по преостанатите два нацрт-амандмани. По завршувањето на собраниската расправа, Владата ќе организира јавна дебата за нацрт-амандманите која ќе трае пет дена.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира