ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО ЗА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“ ПОРАДИ ЖАЛБАТА НА МИЈАЛКОВ ЗА ПРИТВОРОТ ВО „ИМПЕРИЈА“

    ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО ЗА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“ ПОРАДИ ЖАЛБАТА НА МИЈАЛКОВ ЗА ПРИТВОРОТ ВО „ИМПЕРИЈА“Судот не го прифати барањето на СЈО судењето да продолжи денеска во 14 часот. - Тимот на СЈО за предметот „Тврдина-Таргет“ утринава пристигнува во Основниот суд Скопје 1 (Фото: СДК.МК)

    Судењето за „Тврдина-Таргет“ за масовното нелегално прислушување се одложи утрината за 13 декември на барање на одбраната на обвинетиот Сашо Мијалков, бидејќи во 11 часот има седница на на Одделот за организиран криминал и корупција во Основниот суд Скопје 1 по поднесената жалба за одредениот притвор од 30 дена за „Империја“.

    Петар Василев, адвокатот на притворениот ексдиректор на УБК кој беше спроведен од затворот во Шутка, им се извини на сведокот и на обвинителите од СЈО што мора да побара одлагање и рече дека им треба барем половина час пред почетокот на седницата за консултации за предметот.

    „Барам одлагање бидејќи сметам дека одбраната нема да биде во состојба да работи и по овој предмет. Се извинуваме на обвинителите од СЈО и на сведокот што мораме да поднесеме вакво барање поради објективните услови врз кои одбраната нема влијание“ рече адвокатот Василев.

    Судијката Џанета Бегтовиќ го прифати предлогот на одбраната и го закажа продолжението на судењето за в четврток.

    СЈО побара наместо одлагање, судењето да продолжи во 14 часот за да се биде судењето поефективно, но судечкиот совет не ја прифати сугестијата на СЈО, со образложение дека поради големиот број на докази што треба да бидат презентирани не се знае кога ќе заврши седницата по жалбата на Мијалков за „Империја“.

    На Мијалков му беше одреден притвор од 30 дена за „Империја“ ноќта меѓу саботата и неделата, откако му беше укинат притворот за „Тврдина-Таргет“.

    За „Империја“ во притвор се неговиот кумашин Орце Камчев, газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески и уште тројца блиски соработници на семејството Камчеви.

    Осомничените во „Империја“, според СЈО, испрале најмалку 10,5 милиони евра. Засега, истрагата на СЈО опфаќа 13 луѓе и мрежа на фирми, но специјалната обвинителка Катица Јанева најави дека истрагата се проширува.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира