Кина ги повика САД и Канада да го разјаснат апсењето на Менг Ванџоу, ќерката на основачот на „Хуавеи“ и прв човек на финансиите во телекомуникацискиот гигант.
Таа беше уапсена во Ванкувер на 1 декември и се соочува со екстрадиција во САД. На барање на Менг, детали за апсењето не се објавени, но САД ја истражува „Хуавеи“ поради наводното прекршување на санкциите кон Иран. Кина повика Менг да биде ослободена, велејќи дека притворањето е кршење на нејзини права.
„Притворање без да се каже причината ги крши правата на тоа лице. Испративме официјално барање до Канада и САД да ги објаснат причините за притворањето и веднаш да ја ослободат притворената за да се заштитат нејзини права“, соопшти портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи.
„Хуавеи“ неодамна го помина „Епл“ и стана втор најголем производител на смартфони на светот, зад лидерот „Самсунг“. Од компанијата кажаа дека имаат малку информации за апсењето и дека „не се свесни за какви било незаконски дејствија на Менг“.
Ова уследи неколку дена откако неколку западни земји, како САД, Австралија и Нов Зеланд, ја забранија употребата на технологијата на „Хуавеи“ во развојот на новите побрзи 5Г мобилни мрежи.