Ајфелова кула и други знаменитости на Париз утре ќе бидат затворени за посетители поради страв од нови улични насилства за време на антивладините протести на таканаречените „жолти елеци“.
Премиерот Едуар Филип изјави дека низ државата ќе бидат распоредени 89.000 полицајци, а на улиците на Париз ќе бидат поставени десетици оклопни возила. Полицијата им нареди на кафулињата и на рестораните на авенијата Шанз елизе да бидат затворени, а исто важи и за некои музеи.
Владата се откажа од плановите да го зголеми данокот на горивата, што беше оригиналниот повод за протестите, но тие во меѓувреме добија многу поширока димензија и им се придружија разни групи и синдикални организации, па и студенти.
„Властите очекуваат значителни насилства в сабота, бидејќи се очекува активистите и на десницата и на левицата да се обединат во Париз“, кажа извор од Министерството за внатрешни работи.
Операторот на Ајфеловата кула кажа дека поради закана од насилни протести не можат да гарантираат соодветни безбедносни услови, а затворени ќе бидат и музејот Лувр и оперските куќи. Одложени се и неколку фудбалски натпревари што требаше да се играат утре.
„Се соочуваме со луѓе кои не се тука да протестираат, туку да уништуваат. Нема да им дозволиме да владеат“, изјави премиерот Филип.