Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека неговиот шеф на кабинет Џон Кели ќе си замине до крајот на годината. Изминативе денови неколку американски медиуми јавија дека генералот Кели е под притисок да си поднесе оставка и според дел од медиумите, односите меѓу Трамп и Кели се нарушени.
Сепак, Трамп го опиша Кели како „добар човек“ и најави дека неговата замена ќе биде назначена во наредните ден-два.
„Тој беше со мене речиси две години, на две позиции. Ја ценам многу неговата служба“, рече Трамп.
Откако Трамп стана претседател, 28 луѓе поднесоа оставки или беа отпуштени од Белата куќа. Минатиот месец, агенцијата „Ројтерс“ објави дека Ник Ојерс, шефот на кабинетот на потпретседателот Мајк Пенс, е можен кандидат за шеф на кабинетот на Трамп.