Наспроти тврдењата на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа дека Митко Чавков е еден од командантите на организираниот напад на Собранието на 27 април лани кои ги видел на осмиот кат на седиштетото на ВМРО-ДПМНЕ околу 18.40 часот, кога почнал нападот, неговиот личен телохранител тврди дека го однел таму околу полноќ.
„На 27 април бевме тројца на работа. Чавков се јави, го земавме од дома. До 14 часот имаа состаноци. Отидовме потоа на забар, па во Сити мол. Од таму во ‘Скара бар’“, почна да сведочи Никола Димитриевски, телохранител на Чавков, на денешното судење за 27 април.
Тој е предложен да сведочи од одбраната на Митко Чавков, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
„Од таму, кај 18 часот го однесовме во канцеларија во ‘Технометал-Вардар’. Се паркиравме долу во гаражите. Се задржавме таму до 20 часот. Го однесовме во 23 часот во МВР, па во партија, во ВМРО-ДПМНЕ да се види со Никола Тодоров. Потоа го однесовме дома“, раскажуваше тој.
Тој ден со Вангел Цакончев, возачот, Никола бил во првото возило, а колегата Марјан Костовски во второто.
„Во ‘Технометал’ му стоеја сите службени и приватни документи. Канцеларијата му бeше откако дојде техничката влада. По 2 пати во денот одевме таму понекогаш. На 27 април се качив со него горе и застанав пред канцеларијата да го чекам. Сè до 19 часот, немаше галама. Тогаш слушнав разговор по телефон. Директорот даваше команди. Зборуваше со началниците, со Митко Пешов, со началникот на Централните полициски сили, со Влатко Наумовски (помошник командант на ЕБР) и со други. Даваше команди во врска со настаните во Собранието тој ден“, сведочеше тој.
Потоа тврдеше дека Чавков го однеле во штабот на МВР во Граничната полиција.
„Дел од прозорите беа отворени. Чавков веднаш почна да му дава команди на советникот Сашо Митевски. До него стоеше Митко Пешов, доаѓаше заменикот министер Агим Нухиу. Ова траеше до 23, до 24 часот. Кога излезе, побара да го однесеме да се види во штабот на ВМРО-ДПМНЕ со Никола Тодоров. Не знам на кој кат отиде. По полноќ, го однесовме дома“, го заврши првиот дел тој.
Но, по ова, стана да го испрашува Нинџа. На прашање на Нинџа дали се поврзани под земја паркингот на „Технометал-Вардар“ и штабот на ВМРО-ДПМНЕ, односно дали под земја поминува покрај гаражата на ВМРО-ДПМНЕ, кога оди од Катната гаража Тодор Александров до „Технометал“, сведокот одговори потврдно. Рече дека еден влез е за сите три гаражи.
Додека обвинителката Ивана Трајчева немаше прашања, Нинџа директно го праша: „Дали бевте со Чавков во ВМРО-ДПМНЕ од 18 до 19.30 часот?“.
„Не“, одговори сведокот Никола Димитриевски.
По ова, судијата Добрила Кацарска почна да го испрашува. Го предупреди дали е свесен дека сведочи под заклетва и не смее да лаже, па повторно го праша: „Дали сте сигурни дека пред 24 часот Чавков не бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ?“
Тој одговори потврдно и рече возилата биле под „Технометал“ кога го донел во паралелната канцеларија.
„Какви команди даваше Чавков? Не ми кажувајте кому. Какви беа командите?“, праша судијката.
„Не се слушаше добро“, одговори Никола Димитриевски.
„Од толку многу команди, ниедна да не слушнете, запаметите, а велите вратата биле обична?“, праша Кацарска.
„Не се сеќавам, помина долго време“, рече тој.
„А му ѕвонеше телефонот?“, го праша судијката.
„Само командите на повисок тон ги слушав“, одговори сведокот.
„Заменикот министер Нухиу му ѕвонеше?“, праша Кацарска.
„Не знам“, одговори тој.
„Само на Сашо му даваше команди? Рековте 99 посто од командите му ги давал на Сашо Митевски. Во колку часот беше ова?”, праша судијката.
„Ова беше до 20 часот“, рече сведокот.
„Дали кога стигна во штабот на МВР Чавков таму беше Нухиу?“, праша Кацарска.
„Не можам со сигурност да тврдам дека го видов“, одговори сведокот.
„А дали имаа контакт, што зборуваа Чавков и Нухиу?“, праша судијката.
„Имаше многу луѓе. Иако прозорците беа отворени, не можевме да чуеме што зборуваат“, одговори сведокот.
По сведочењето на сведокот предложен од Чавков, Кацарска даде куса пауза.
С. К. ДЕЛЕВСКА