Магазинот „Тајм“ прогласи група новинари за Личност на годината, појаснувајќи дека тоа се „поединци кои се изложиле на голем ризик во потрага по вистина“.
Наречени Чувари, во оваа група се најде и саудискиот дисидент и колумнист на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, кој пред два месеци беше брутално убиен во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
„Ова е првпат за Личност на годината да сме избрале некој што е починат, но многу е ретко нечие влијание така многу да порасне по неговата смрт“, појаснија од магазинот.
Во оваа група се најдоа и филипинската новинарка Марија Реса, репортерите на „Ројтерс“ Ва Лоне и Кјав Сое О, кои веќе една година се затворени во Мјанмар, како и весникот „Капитал газете“ од Мериленд, чии шестмина вработени беа убиени во масовното пукање во јуни годинава.
„Кога гледавме кого да избереме, стана јасно дека манипулирањето и злоупотребата на вистината биле заедничка нишка во голем дел од најзначајните вести оваа година, од Русија, преку Ријад до Силициската Долина“, изјави главниот уредник на „Тајм“, Едвард Фелзентал.