Британското регулаторно тело за рекламирање ќе ги забрани родовите стереотипи кои често знаат да предизвикаат штета или сериозна навреда. Комитетитот за рекламирање вели дека штетните стереотипи во рекламите „влијаат на тоа како луѓето се гледаат себеси и нивната улога во општеството“. Одлуката ќе стапи на сила во јуни 2019.
Забраната се однесува на реклами во кои на пример, мажите не извршуваат домашни обврски или пак кога девојките се прикажани како помалку образовани од момчињата. Промената доаѓа по големо истражување за родови стереотипи во рекламирањето, кое покажа дека „штетните стереотипи може да ги ограничат одлуките, аспирациите и можностите на децата, младите луѓе и на возрасните“.
„Како резултат на тоа, некои луѓе нема ни да се обидат да го искористат нивниот потенцијал, ниту да се обидат да се пријават за некоја работа“, стои меѓу другото во извештајот.
„Ние не велиме дека во рекламите луѓето не може да се претставуваат со стандардните улоги за родот. На пример, ако во рекламата жената чисти, тука не гледаме проблем, Но, ако во рекламата се прикажува како мажот прави неред и си ги подигнува нозете додека жената чисти околу него, и јасно е претставено дека само таа во тој момент може да чисти во собата, тоа е веќе проблем“, вели Ела Смајлаи од Комитетот.