Романтичната драма на полскиот оскаровец Павел Павликовски „Студена војна“ ги освои наградите од Европската филмска академија (ЕФА) во сите пет категории каде беше номинирана: најдобар филм, режија, сценарио, женска улога и монтажа.
На свеченото доделување на 31. европски оскари, коe имаше поприлично политички и општествен тон, синоќа во Севилја, Шпанија, покрај Павликовски награденa беше и главната актерка во филмот Јоана Кулиг. Кулиг, која е седми месец бремена не дојде на свеченоста, а наградата во нејзино име ја прими режисерот.
„Му благодарам на Бога што се снимаат ваков вид филмови“, рече Павликовски по добивањето на наградата за најдобар филм.
Најдобар актер е Марчело Фонте за „Догмен“ на Матео Гароне, улога за која ја освои и актерската награда на годинешниот Кански фестивал.
Три филмови добија по четири номинации: „Граница“ на Али Абаси, „Догмен“ на Матео Гароне и „Среќен како Лазаро“ на Алиса Рорвахер. За наградите гласаа 3.500 членови на Академијата.
Наградата Европско откритие – При ФИПРЕСЦИ ја доби „Девојка“ на Лукас Донт, кој ја посвети наградата на актерот Виктор Полстер и на Нора Монсор, млада трансексуалка врз чија животна приказна е заснован филмот. Донт беше критикуван дека за филмот зел актер кој не е трансексуалец, а на свеченоста рече дека знаел оти Полстер „ќе ја оправда довербата со игра која покажа дека најголемата моќ на секој уметник е емпатијата“.
Британскиот актер Реиф Фајнс ја доби наградата од Европската филмска академија за за европски придонес во светскиот филм и говореше за тоа што значи, „да се сметаш себеси Европеец“.
„Во Европа има криза. На нашето чувство за заедничка историја му се заканува поделба. Депресивно и стресно е да бидеш сведок на дебатата во мојата земја за тоа кои сме ние во Европа. Верувам дека филмските уметници се обединувачи чија работа по дефинција е обединувачка и мора да биде, за да преживе“, рече Фајнс.