ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО ПРОПАЃА ДОДЕКА ЕКСПЕРТИТЕ ОД СКОПЈЕ И БИТОЛА СЕ ПРЕПУКУВААТ КОЈ Е ПОКОМПЕТЕНТЕН ДА ЈА КОНЗЕРВИРА

    ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО ПРОПАЃА ДОДЕКА ЕКСПЕРТИТЕ ОД СКОПЈЕ И БИТОЛА СЕ ПРЕПУКУВААТ КОЈ Е ПОКОМПЕТЕНТЕН ДА ЈА КОНЗЕРВИРААктивностите на терен се во застој, додека ѕидовите од црквата црквата „Св. Ѓорги“ од Курбиново, црковен бисер од 12 век и бесценет културно-историски споменик познат и како македонската Мона Лиза, на места се распукани, а пожолтуваат фреските меѓу кои и ангелот на благовестието Гаврил, кој од тука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари (Фото: СДК.МК)

    Додека надлежните институции водат преписки кој тим е покомпетентен да направи проект за конзервација, пропаѓа црквата „Св. Ѓорги“ од Курбиново, црковен бисер од 12 век и бесценет културно-историски споменик познат и како македонската Мона Лиза. Активностите на терен се во застој, додека ѕидовите од црквата на места се распукани, а пожолтуваат фреските меѓу кои и ангелот на благовестието Гаврил, кој од тука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари.

    На трибината за црквата што се одржа во Ресен, од битолскиот Завод и музеј изјавија дека установа неколку години активно работи на истражувачки работи, изработен е проект за конзервација на фрескосликарството и архитектурата. Но, Комисијата за контрола имала одредени забелешки, а при тоа не понудила солуции.

    „Пречките се затоа што има различни мислења околу начинот на кој треба да се консолидира архитектурата. Ние изготвивме проект кој е доста обемен. Комисијата за констрола најде одредени забелешки на проектот, но не даде други солуции. Најдовме решение во дополнителни истражувачки работи, но и тие не беа навремено финансирани. Нешто реализиравме последните два месеца од годината, но останува еден добар дел за следната година. Според мене, клучен е проблемот во финансирањето. Многу мали се финансиските средства што годинава беа доделени на Завод и музеј, има и заостанати неплатени трошоци“, вели Ристо Палигора, конзерватор од Завод и музеј Битола.

    Оваа установа за идната година за непосредна конзервација и конструктивно консолидирање на црквата од Министерството за култура бара околу 19 милиони денари. Тоа, според Палигора, не е недостижен износ зашто се работи за еден од петте најрепрезентативни средновековни споменици во Македонија.

    „Треба да сме многу внимателни и да се најдат решенија кои нема да ја оштетат црквата. Нам на пример, ни се нудеа решенија да ставиме половина метар земја на покривот по пример на некои средновековни споменици, што е надвор од памет на црква со ваков покрив. Никогаш не е целосно третирана, односно никогаш не е направена една интегрална конзервација на храмот. Со конзервацијата од 1984 година во црквата поставени се бетонски церклажи кои немаат целосна функција, а со конзерваторскаста козметика од 1991 година поголем дел од фреските се премачкани со органски премаз и пожолтеа“, додаде Палигора.

    Од Министерството за култура велат дека за годинава биле предвидени 2,5 милиони денари за Курбиново. Но, Комисијата за стручна контрола во март годината не го прифатила проектот на битолскиот Завод и музеј. Ценеле дека не биле направени сите неопходни истражувања, па предложиле да се направи нов. Бидејќи експертите од Битола не направиле, не ја исклучуваат можноста од промена на тимот.

    „Не станува збор за забелешки од Комисијата туку за неприфаќање на проектот и потреба од изработка на нов, кој досега не е изработен.Тимот бил должен да постапи според заклучокот на Комисијата. А во однос на изјавата дека Комисијата не нуди ‘ решенија’ неопходно е да го потсетиме раководителот на тимот дека само тој што истражува, односно тимот може и треба да понуди решенија! Бидејќи тимот одбива да постапи по заклучокот на Комисијата и го доведува во опасност споменикот, се јавува неопходна потреба од промена на тимот“, пишува во писмениот допис д-р Донка Барџиева-Трајковска, која како специјален советник на министерот за култура и координатор на дејноста заштита иницирала да се формира Комисијата за увид.

    Во Општина Ресен беше промовиран и документарен филм за црквата во Крубиново, со цел да се поттикнат надлежните да за забрза нејзината конзервација. На трибината присуствуваа и претставници од битолскиот Завод и музеј, а говореа конзерваторот Ристо Палигора и д-р Панче Велков, претседател на Здружениието „Македонида“.

    „Да се запостави едно вакво значајно светилиште не е само негрижа, туку и криминал, тоа што државата не се грижи тоа е една многу страшна работа. За мене тука нема никакви дилеми, одговорноста е наша и таа е огромна. Сега сме соочени со ситуација кога проектот е запрен, немаме дозолно спремност и умешност сами да го зачуваме ова културно наследство“, рече д-р Велков.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира