ВЛАДИН ТИМ ЌЕ ИСПИТУВА ДАЛИ ИМА ДИВА ДЕПОНИЈА СО КАНЦЕРОГЕНИОТ ПЕСТИЦИД ЛИНДАН БЛИЗУ ИЗЛЕТНИЧКО МЕСТО ВО ДРАЧЕВО

    ВЛАДИН ТИМ ЌЕ ИСПИТУВА ДАЛИ ИМА ДИВА ДЕПОНИЈА СО КАНЦЕРОГЕНИОТ ПЕСТИЦИД ЛИНДАН БЛИЗУ ИЗЛЕТНИЧКО МЕСТО ВО ДРАЧЕВОВладата денес потпиша меморандум за соработка со Канцеларијата за услуги на проекти на ОН (УНОПС) и со министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка за создавање заеднички фонд за чистење на депонијата со линден од кругот на фабриката Охис.- амбасадор на Кралството Норвешка за Македонија, Србија и Црна Гора Арне-Санес Бјорнстад и премиерот Зоран Заев (Фото: Влада)

    Владата добила укажувања дека постои и друга можна локација на депонија со канцерогениот пестицид линдан надвор од кругот на фабриката ОХИС.

    „Владата веќе формираше комисија која има задача да ја утврди веродостојноста на укажаните информации. По завршување процесот ќе ја информираме јавноста“, велат од Владата.

    Според информациите од Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (ПОПс) при Министерството за животна средина во месноста Пеленица во близина на скопското село Драчево можно е да има дива депонија на линдан, остаток од работењето на некогашната хемиска фабрика ОХИС.

    Основните училишта од Скопје во оваа област организираат настава во природа за учениците од прво до осмо одделение, а вакви екскурзии беа организирани и оваа учебна година, иако од Канцеларијата за ПОПс велат дека уште летово ја информирале и Владата и сите надлежни министерства за можна дива депонија на Линдан во близина на Драчево.

    Сузана Андонова, од Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи, вели дека оваа информација ја добиле од некогашни вработени во фабриката ОХИС, според кои линданот го фрлале во оваа област, бидејќи во тоа време не се знаело дека тој е канцероген и сметале дека е обичен прашок.

    „Но колкава е таа депонија, до каде се простира не знаеме, ниту пак имаме некаков писмен доказ дека има дива депонија. Уште летово ја информиравме Владата и сите надлежни министерства со препорака да се формира посебен тим, кој ќе испита каде точно е лоцирана, колкава површина е контаминирана и потоа врз основа на тоа да се донесе план за нејзино отстранување. Тука треба стручни екипи од Министерство за одбрана, од МВР кои работат со хемиско, биолошко оружје, опасен материјал. Нашата канцеларија нема ниту мандат, ниту стручна екипа да прави вакви истражувања. Во информацијата до надлежните побаравме и да се забрани движење на населението во таа област дури не се утврдат фактите“, вели Андонова.

    Владата денес потпиша меморандум за соработка со Канцеларијата за услуги на проекти на ОН (УНОПС) и со министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка за создавање заеднички фонд за чистење на депонијата со линден од кругот на фабриката Охис, каде се проценува дека има меѓу 40.000 и 50.000 контаминирана почва.

    Од Владата информираа дека за трајно отстранување на линданот од ОХИС можни се три решенија, за кои ќе бидат потребни меѓу 40 до 260 милиони евра, и дека во зависност од собраните средства ќе определат и која технологија за деконтаминација ќе се користи. Се очекува процесот да трае меѓу три и пет години.

    Андонова вели дека Канцеларијата за ПОПс работат на анилза на ризик за чистење на депонијата, кост-бенефит анализа, дополнителни испитувања на линданот во Охис независно од постоеките физибилити студии, со кои ќе можат да распишат тендер за избор на најдобра технологија за деконтаминација на почвата во ОХИС. Таа вели дека за чистење на малата депонија обезбедни се 3 милиони долари од Глобалниот еколошки фонд и 6 милиони долари од Владата.

    „Оној што ќе ја понуди најдобрата технологија за чистење на депониите со линдан во Охис, додека работи на малата ќе треба да ја покрие големата депонија, каде се проценува дека има меѓу 30.000 до 40.000 тони загадена почва. Големата депонија треба да се покрие додека работат на малата, за да се спречи продирање на хемикалијата во околната средина, а потоа треба да продолжат со чистење на големата депонија. Се надеваме дека преку новоформираниот фоинд ќе се обезбедат средства за целосно отсранување на линданот од ОХИС“, вели Андонова.

    Е.БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира