Премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, се номинирани за Нобеловата награда за мир за 2018. Номинацијата на Заев и Ципрас до Нобеловиот комитет ќе ја достави Уидед Бушамауи од Тунис, добитничка на Нобеловата награда за мир во 2015. Заев и Ципрас се номинирани за ова признание поради склучувањето на Договорот од Преспа.
„Почестена сум што ги номинирам Зоран Заев и Алексис Ципрас за Нибеловата награда за мир.Ова не е признание само за нив, туку за сите граѓани на Македонија и Грција. Договорот од Преспа е пример и порака за сите како со дијалог може да се реши се“, рече Бушамауи.
Номинацијата беше објавена денеска на ФОН Универзитетот, каде за значењето на Договорот од Преспа покрај Бушамауи говореа и членот на Европскиот парламент од грчката владејачка партија Сириза Стелиос Колуглу и деканот на ФОН Нано Ружин.
„Договорот кој го постигнаа Заев и Ципрас е единствената добра вест која доаѓа од Европа во овие времиња. Тие ги оставија партиите на страна и склучија договор кој решава многу прашања. Опозицијата на двете земји тврди дека Заев и Ципрас ја предале државата. Како е можно и двајцата лидери да се предавници? Со Договорот од Преспа се овозможува двете земји да гледаат напред“, рече Кологлу.
Македонската и грчката влада предводени од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, на 17 јуни 2018 во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици) го потпишаа договорот со кој, ако биде ратификуван во парламентите на двете земји, ќе се реши 27-годишниот спор за името.
Со овој договор името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со македонски јазик и македонска националност.
Договорот го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас и посредникот на ОН Метју Нимиц.
Во тек е собраниска постапка за амандманите за измена на Уставот соодветно Договорот со Грција.
А. АНТЕВСКА